Шефот на „Coinbase“ отпушти инженери кои одбија да користат вештачка интелигенција.
Извршниот директор на крипто-берзата „Coinbase“, Брајан Армстронг, откри дека дел од инженерите добиле отказ бидејќи одбиле да користат алатки за вештачка интелигенција, иако компанијата обезбедила официјални лиценци за „GitHub Copilot“ и „Cursor“.
Армстронг преку интерниот канал на „Slack“ им порачал на вработените дека мораат најдоцна до крајот на неделата да се најават на "AI" алатките. „Не мора да ги користите секојдневно додека не обезбедиме дополнителна обука, но очекувам сите да се логираат. Ако тоа не го направите, во сабота ќе имаме состанок“, напишал тој.
На состанокот дел од вработените го оправдале задоцнувањето со одмор или службени патувања, но оние кои немале валидно оправдување – веднаш биле отпуштени. Подоцна Армстронг признал дека пристапот бил „премногу решителен“, но нагласил дека пораката морала да биде јасна – во „Coinbase“ користењето на "AI" не е опција, туку обврска.
Амбициозна цел: половина од кодот да го генерира "AI"
Компанијата има цел до крајот на кварталот 50% од кодот да биде генериран со помош на вештачка интелигенција (сега процентот е околу 33). Воведени се и редовни настани под името „AI Speed Runs“, на кои тимовите демонстрираат успешни начини за користење на "AI" алатки, секогаш со строг човечки надзор – што е особено важно во финансиската индустрија.
Поделени реакции
Реакциите во индустријата се поделени. Дел го сметаат потегот на Армстронг за агресивен и авторитарен, додека други веруваат дека тоа е неминовен чекор за компанијата да остане конкурентна во технолошката трка.