Вештачкото осветлување го нарушува природниот ритам на птиците: Пеат 50 минути подолго

Точка

25/08/2025

20:49

353

Големина на фонт

а а а

Светлосното загадување, односно прекумерната употреба на вештачко осветлување, влијае на однесувањето на птиците низ целиот свет, продолжувајќи го просечното времетраење на нивното пеење за дури 50 минути дневно, покажа обемната студија објавена во престижното списание „Сајенс“.

Студијата ја спровеле научници од Универзитетот Јужен Илиноис и Државниот универзитет во Оклахома во САД, анализирајќи податоци за однесувањето на повеќе од 500 видови птици во различни делови од светот и во текот на различни сезони, пренесе новинската агенција АНСА.

Вештачкото осветлување, кое денес покрива околу 23% од површината на Земјата, го нарушува природниот ритам на денот и ноќта, влијаејќи на цела низа биолошки процеси кај бројни видови, велат истражувачите.


Податоците се собрани како дел од проектот „BirdWeather“, кој комбинира автоматски мониторинг на биодиверзитетот, вештачка интелигенција и записи собрани од волонтери.

Истражувањето покажа дека птиците со поголеми очи и оние што градат гнезда на отворени места се особено чувствителни на светлосно загадување.

Научниците сè уште проучуваат дали оваа промена во однесувањето може да има негативни последици врз здравјето на птиците.