Комесарот на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA), генерал Филип Лазарини, изјави дека Газа е „пекол во сите нејзини форми“ и дека гладот е „најновата катастрофа“ што ја погодила областа.
„„Никогаш повеќе“ намерно стана повторно. Ова ќе нè прогонува. Негирањето е најгрубиот израз на дехуманизација“, рече Лазарини во објава на платформата X.
„Никогаш повеќе“ е фраза што обично се поврзува со сеќавањето на Холокаустот, објави „Ал Џезира“.
Лазарини додаде дека е време израелската влада да „престане да промовира поинаков наратив“ и да им дозволи на организациите за помош да обезбедат помош, а на странските новинари да им биде дозволено да влезат во енклавата.
„Секој час е важен. Отворете ги портите. Прекинете го огнот сега“, повика Лазарини.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес го повика Израел да ги запре нападите врз здравствените установи во Појасот Газа, откако утрово во нападот врз болницата „Насер“ беа убиени 20 лица.
„Додека луѓето гладуваат, нивниот веќе ограничен пристап до здравствена заштита е дополнително осакатен од повторените напади“, напиша тој во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Тој повика на итно запирање на нападите врз болниците и прекин на огнот, додавајќи дека СЗО добила извештаи дека 50 лица се ранети во нападот, вклучувајќи пациенти кои веќе биле во сериозна состојба.
Палестинските здравствени претставници објавија дека најмалку 20 лица се убиени во израелскиот напад врз болницата „Насер“, вклучувајќи пет новинари, спасувачи и здравствени работници.