Само една земја ги избегна новите царини на Трамп: „Одиграа мајсторски“

Точка

07/08/2025

21:06

3.752

Големина на фонт

а а а

Мексико е единствената земја што од американскиот претседател Доналд Трамп доби 90-дневно одложување на новите царини, додека десетици други земји, вклучувајќи ги Канада, Јапонија и земјите од ЕУ, веќе се погодени со острите трговски казни.

Ослободувањето е резултат на месеци дипломатски напори на мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, која успеа да изгради стабилен однос со непредвидливиот Трамп – и тоа без ниту една средба лице в лице. Иако нивната планирана средба на самитот на Г7 во Канада во јуни пропадна, двајцата редовно разговараат по телефон.

За време на еден од тие повици, Шајнбаум, според извори од Белата куќа, му кажала на Трамп колку лично ризикувала кога се согласила да екстрадира 29 осомничени членови на нарко-картел во Соединетите Држави. Тоа беше гест што остави силен впечаток кај американскиот претседател.

„Секогаш смирена, никогаш не се наседнува“

„Таа одигра мајсторски“, изјави за Политико Мајкл Камуњез, поранешен помошник-министер за трговија на САД, кој сега советува компании од двете страни на границата. „Таа никогаш не наседнува на провокации. Секогаш е смирена, никогаш не брза“.


Шајнбаум, велат и американските и мексиканските функционери, успеала да направи нешто што многу други лидери не го направиле: истовремено да ги исполни барањата на Трамп околу безбедноста на границите и борбата против шверцот со фентанил, а воедно да ја одржи високата популарност дома.

Меѓутоа ѝ помогнало тоа што има силен тим од искусни соработници кои добро ги познаваат САД, вклучувајќи го и министерот за економија Марсело Ебрардо. Таа рано одлучи да испрати 10.000 војници на границата со САД, а кога Трамп провоцираше и го преименуваше Мексиканскиот Залив во „Американски Залив“, Шајнбаум реагираше воздржано.

Трамп ја фали, Канаѓаните добија царини

Досега, нејзината тактика функционира. Мексико, кое останува најголем трговски партнер на САД, ги избегна реторичките напади и царините на Трамп што ги погодија другите сојузници.

„Поради нејзината дисциплина, нејзините пораки и нејзината подготвеност за соработка, Трамп не прибегна кон построги мерки“, рече поранешен американски функционер кој претходно работел на односите со Мексико. „За разлика од Канада, која возврати со царини и јавно ги прозва САД, Шајнбаум остана смирена и конструктивна“, додаде тој.


И додека канадскиот премиер Марк Карни јавно ги критикуваше американските мерки и потпиша царини за САД, Шајнбаум не воведе контрамерки и продолжува позитивно да зборува за односите со САД.

Во април, во објава на „Truth Social“, Трамп го опиша телефонскиот разговор со Шајнбаум како „многу успешен“, коментирајќи дека „сè подобро разбираат“.

Телефонска стратегија и ладна дистанца

Наместо состаноци во Овалната соба, Шајнбаум одлучи сè да решава телефонски – и со тоа, велат аналитичарите, таа се заштитила од потенцијалниот срам што го доживеале другите лидери, како што е украинскиот претседател Зеленски.

„Мислам дека секој од мексиканската страна разбира дека ако работите одат добро преку телефон, нема причина да се ризикува физичка средба“, рече Енрике Перет од Фондацијата САД-Мексико.

Шајнбаум зборува англиски и користи податоци од американските агенции за да му докаже на Трамп дека Мексико е сериозен во врска со запленувањето на фентанил. Во своите говори, таа користи конкретни бројки, цели и показатели – јазик за кој нејзините соработници велат дека Американците го разбираат и ценат.


Поддршка дома, загриженост во заднина

Шајнбаум ги доби изборите во октомври со 60% од гласовите и има поддршка од околу 75% од гласачите. Таа популарност ѝ дава простор за маневрирање да прифати дел од барањата на Трамп, иако во последните денови се соочува со корупциски скандал и бегство на еден нарко-бос од Кина.

„Поради перцепцијата дека може да се справи со Трамп, ѝ беше даден одреден простор за маневрирање“, рече Артуро Сарухан, поранешен амбасадор на Мексико во Вашингтон. „Единственото прашање колку ќе трае тоа“, додаде тој.

За разлика од Канада, чиј придонес во американскиот проблем со фентанилот во Америка е минимален, Мексико има реални резултати. Покрај тоа, канадските мерки како што се дигиталниот данок на американските технолошки компании и најавата за признавање на палестинска држава дополнително го налутија Трамп.


Клучни теми: Фентанил, граница, трговија

За Трамп, нема разлика помеѓу трговијата, границата и борбата против фентанилот – сите тие се дел од истиот пакет. А Мексико, велат дипломати од двете страни, вешто го искористи бројот на теми за да покаже добра волја и подготвеност за соработка.

Мексиканските власти сега се надеваат дека пристапот на Шајнбаум ќе ја зајакне нивната позиција пред претстојната ревизија на Северноамериканскиот трговски договор (USMCA), кој започнува следната година.

Досега, Белата куќа изјави дека новите царини се однесуваат само на стоки што не се во согласност со договорот – но сè уште не објасни колкав дел од трговијата конкретно опфаќа.


„Мора да сочува барем пристоен договор“

Сепак, фрустрацијата расте во Мексико бидејќи земјата исполнува сè повеќе американски барања, а за возврат добива малку опипливи придобивки.

„Шајнбаум мора барем да одржи пристоен трговски договор со Америка – не совршен, но доволно добар“, рече Џеронимо Гутиерез, поранешен амбасадор. „Ова е клучот за нејзината политичка иднина, но и за иднината на движењето Морено. Мора да продолжи да турка напред“.