Поранешен директор на „Google“: „Вештачката интелигенција ќе ги уништи работните места – и ќе ги замени неспособните директори“

Точка

07/08/2025

14:46

427

Големина на фонт

а а а

Мо Гавдат, поранешен директор на „Google X“, тврди дека идејата дека вештачката интелигенција (AI) создава нови работни места е „100% глупост“. Тој предупредува дека дури и извршните директори наскоро ќе бидат заменети со вештачка интелигенција.

Мо Гавдат, поранешен главен бизнис директор на „Google X“, смета дека идејата дека вештачката интелигенција ќе отвори нови работни места е целосно бесмислена. Според него, дури и неспособните директори на компаниите се следни на удар од автоматизацијата, бидејќи вештачката општа интелигенција („AGI“) наскоро ќе работи сè подобро од луѓето.

„Верувам дека тоа е 100% глупост“, изјави Гавдат во популарниот поткаст „The Diary of a CEO“. „Најдобрите во својата работа ќе преживеат. Најдобриот софтверски инженер, оној што ја познава архитектурата на системите и технологијата, ќе го задржи своето место – но само уште некое време.“


Само најдобрите ќе преживеат – привремено

Гавдат, кој три децении поминал во технолошкиот сектор и денес пишува книги за развојот на вештачката интелигенција, смета дека во следните 5 до 15 години ќе се соочиме со вистинска апокалипса во однос на работните места. Компании како „Duolingo“, „Klarna“ и „Workday“ веќе отпуштиле голем број вработени или целосно престанале да вработуваат луѓе, подготвувајќи се за доминацијата на вештачката интелигенција.

Но, Гавдат предупредува дека ни извршните директори не треба да се радуваат прерано.

„За директорите е одлично што можат да отпуштаат луѓе, да заштедат пари и да ја зголемат продуктивноста. Но, она за што не размислуваат е – вештачката интелигенција ќе ги замени и нив“, рече Гавдат. „’AGI‘ ќе биде подобра во сè, па и во водењето на компанијата. Ќе дојде време кога повеќето неспособни извршни директори ќе бидат заменети.“


„Проблемот не се машините – проблем се луѓето“

Иако звучи како дистописка иднина во која роботи водат компании, Гавдат не ја гледа AI како главен виновник за исчезнувањето на работните места. Според него, алчните директори и системот на вредности на современиот капитализам се виновни за тоа што технологијата го презема светот.

„AI сам по себе не е лош – лош е вредносниот систем на човештвото во моментот на технолошката револуција“, објасни тој. „А денешниот доминантен систем е капитализмот, кој се сведува на една работа: замена на работната сила со поевтино решение.“


„Злобните лидери треба да бидат заменети – AI може да биде подобар“

Вештачката интелигенција веќе сега ги надминува луѓето во многу работи: кодирање, корисничка поддршка, анализа на пазарот и администрација. Мо Гавдат верува дека наскоро ќе биде подобра и од најмоќните политички лидери и смета дека тоа може да биде добро за човештвото.

„Единствениот начин светот да стане подобро место е злите луѓе на врвот да бидат заменети со вештачка интелигенција“, рече Гавдат. „Ако тоа не се случи, тие ќе ја изгубат својата моќ.“

Тој исто така смета дека политичарите кои сакаат да ја задржат својата позиција ќе мораат сами да се заменат со AI – во спротивно, ќе ја изгубат секоја предност.


Потребна е итна регулација

Мо Гавдат не е единствениот што предупредува на опасностите. Сам Алтман од „OpenAI“ и извршниот директор на „Google“, Сундар Пичаи, повеќе пати нагласија колку е важно AI строго да се регулира.

Алтман уште во 2023 година напиша дека човештвото наскоро ќе мора да воспостави тело слично на Меѓународната агенција за атомска енергија („IAEA“) кое би го надгледувало развојот на супер-интелигентни системи.

„Потребна е меѓународна организација која би ја проверувала безбедноста, спроведувала ревизии и имала овластувања да го ограничи обемот на развојот на AI“, порача Алтман.