Нетфликс го објави првиот трејлер за комедија-драмата „Jay Kelly“ од режисерот номиниран за Оскар, Ноа Баумбах.
Главната улога ја остварил Џорџ Клуни, а Адам Сендлер и Лора Дерн играат важни споредни улоги.
Во центарот на приказната е познатиот актер Џеј Кели, кој оди на патување во Европа со својот долгогодишен менаџер Рон (Адам Сендлер). Планираното едноставно патување се претвора во длабоко лична конфронтација со минатото, врските и наследството.
Филмот најавува интроспективен тон, комбинирајќи елементи на комедија и драма, додека двајцата протагонисти ги преиспитуваат своите животи и односи со луѓето околу нив.
Сценариото за филмот го потпишуваат Ноа Баумбах и актерката Емили Мортимер, а според „Варајети“, „Џеј Кели“ е филм кој комбинира хумор, драма, егзистенцијални прашања, додека светската премиера ќе ја има на Филмскиот фестивал во Венеција.
Филмот ќе се прикажува во кината, но и на Нетфликс. Премиерата во кината е закажана за ноември, а на Нетфликс ќе пристигне на 5 декември.
Покрај Џорџ Клуни, Адам Сандлер и Лора Дерн, во филмот се појавуваат и Били Крудап, Ридли Кио, Грејс Едвардс, Стејси Кич, Џим Бродбент, Патрик Вилсон, Ив Хјусон, Грета Гервиг, Алба Рорвахер, Џош Хамилтон, Лени Хенри, Емили Мортимер и многу познати имиња.