ПСЖ има цел тим за продажба, Луис Енрике ставил вето за двајца играчи

Дерби

06/08/2025

11:28

433

Големина на фонт

а а а

ПСЖ имаше повеќе од успешна сезона која беше закитена со европската титула и финале на Светското клупско првенство, а по заслужениот одмор, Луис Енрике и неговите соработници веќе ги започнуваат првите конкретни активности и подготовки за новите предизвици.

Во периодот кога клубот од Париз ќе се подготвува за Супер куп пресметката со Тотенхем и преостанатите обврски кои следуваат, раководството треба да се ослободи од речиси цел тим.

Во ПСЖ има многу фудбалери кои не се во плановите на тренерот, па затоа ќе треба да си пронајдат нова средина, а меѓу нив е и Џиџио Донарума, голманот чиј договор истекува следното лето и затоа францускиот тим нема ништо против идејата да биде продаден годинава.

Истото важи и за Рендал Коло Муани, кој во моментов е најблиску да остане во редовите на Јувентус, но за него се интересираат и англиски клубови.

Во плановите на Луис Енрике не се ни Карлос Солер, Норди Мукиеле, Ренато Санчез, Илјес Хусни, а неизвесна е и иднината на Преснел Кимпембе и Арнау Тенас.

Француските медиуми истакнуваат дека шпанскиот тренер побарал од раководството да исклучи продажба на двајца играчи на кои планира да смета во новата сезона, а тоа се Канг-ин Ли и Лукас Бералдо, кои очигледно му се потребни на искусниот стручњак во ротацијата за долгата сезона.