[ФОТО/ВИДЕО] Во австралиска дождовна шума пронајден џиновски инсект: Тежок колку голф топче

Точка

05/08/2025

20:19

1.362

Големина на фонт

а а а

Научниците откриле нов вид стапчест инсект во оддалечена австралиска дождовна шума, која е дом на смртоносни змии, други влекачи и пајаци, за кој се верува дека е најтешкиот досега пронајден во Австралија.

Инсектот тежи 44 грама, приближно колку голф топче и е долг 40 сантиметри. Ангус Емот од австралискиот универзитет „Џејмс Кук“, кој помогнал во идентификувањето на новиот вид инсект, „Acrophylla alta“, рече дека неговата големина може да биде еволутивен одговор на неговото ладно, влажно живеалиште.


„Нивната телесна маса веројатно им помага да преживеат постудени услови и затоа во текот на милиони години тие еволуирале во голем инсект. Колку што знаеме, ова сега е најтешкиот инсект во Австралија“, соопштија научниците.


Инсектот бил пронајден во подрачјето на Квинсленд, на североистокот од земјата. Според Емот, неговото оддалечено живеалиште веројатно е причината зошто толку долго останал неоткриен.


„Ограничен е на мала површина од дождовна шума на големи надморски височини и живее високо во крошните. Значи, освен ако не го донесе циклон или птица, многу малку луѓе ќе го видат“, изјави Емот.


Научниците ги користеле карактеристичните јајца на инсектот за да го идентификуваат како нов вид.

„Секој вид стапчест инсект има своја карактеристична форма на јајце. Сите тие имаат различни текстури и вдлабнатини, а можат да бидат и со различни форми“, истакна Емот.

Две од јајцата се наоѓаат во Музејот на Квинсленд за понатамошни истражувања, објави Ројтерс.