Што е еритрофобија и како да се справите со неа?

Точка

05/08/2025

17:22

1.055

Големина на фонт

а а а

Првиот состанок, интервју за работа или јавно говорење можат да бидат стресни, предизвикувајќи забрзано срцебиење и потење на дланките, но она што „нè издава“ е црвенилото на лицето.

Ова е многу непријатно за многу луѓе, а некои дури развиваат и страв од црвенеење, познато и како еритрофобија.

Проблемот не е само црвенеење, туку и социјалната анксиозност на лицето кое се грижи за тоа како другите го перципираат тоа, вели д-р Инго Спитчок фон Бризински, член на Професионалното здружение за детска и адолесцентна психијатрија, психосоматска медицина и психотерапија во Германија (BKJPP).


Анксиозноста се зголемува поради неконтролираната појава на црвенило и неговото истакнување на несигурноста на лицето кај кое се јавува. А грижата може да го направи црвенилото поверојатно и поинтензивно. Сепак, постојат начини да се контролира.

Во емоционално стресни ситуации, помага испраќањето сигнал до телото да се опушти, на пример со мирно и длабоко дишење или со фокусирање на вниманието на нешто друго, тврди Спитчок фон Бризински.

Ова не е лесно да се постигне, затоа треба редовно да се практивува медитација и занимавање со спорт бидејќи тоа се добри начини за намалување на стресот и анксиозноста воопшто.


Нормален физиолошки одговор

Црвенилото е нормален физиолошки одговор во одредени ситуации – почест и/или поизразен кај некои луѓе отколку кај други – и обично не трае долго, според BKJPP. Она што може да помогне е едноставно прифаќањето и сфаќањето дека многу луѓе едвај го забележуваат или дури и го гледаат како нешто позитивно, сметајќи го црвенилото за симпатично.

Меѓутоа, ако еритрофобијата сериозно влијае на вашиот секојдневен живот и ве тера да избегнувате социјални интеракции, Спитчок фон Бризински препорачува когнитивно-бихевиорална терапија. Во разговор со терапевт, пациентот може да развие индивидуално прилагодени стратегии за надминување на стравот од црвенило.