Приземјени сите летови на поголемите аеродроми во Велика Британија поради „откажување на радарот“, туристите заглавени

Макфакс

30/07/2025

19:14

375

Големина на фонт

а а а

Сите летови на главните аеродроми во Велика Британија се приземјени поради „откажување на радарот“ на контролата на воздушниот сообраќај. Илјадници патници се заглавени на пистите на најголемите туристички центри во Велика Британија, вклучувајќи ги Хитроу и Гетвик.

Патниците објавуваат фотографии на социјалните мрежи за покажат дека седат заглавени во авионите, а апликацијата „Флајтрадар“  покажува стотици авиони приземјени на лондонскиот аеродром  Хитроу.

Не работи ни таблата за полетувања иако станува збор за најголемиот аеродром во Европа. На неа стои порака за грешка на веб-страницата „Вашиот избор на лет не може да се најде“.

Други големи аеродроми за кои е потврдено дека се засегнати се Бирмингем, Гетвик и Лутон. Водечкиот снабдувач на услуги за контрола на воздушниот сообраќај во Велика Британија, НАТС, преку соопштение потврди дека има „технички проблем“ во центарот за контрола на воздушниот сообраќај во Свонвик.

„Како резултат на технички проблем, го ограничуваме бројот на авиони што летаат во зоната на контрола во Лондон за да обезбедиме безбедност. Се извинуваме за сите доцнења што може да ги предизвика ова. Нашите инженери работат напорно за да го решат проблемот што е можно побрзо и тесно соработуваме со авиокомпаниите за да помогнеме во минимизирање на прекините. Во оваа фаза не можеме да кажеме колку време ќе помине пред операциите да се вратат во нормала“, стои во соопштението од НАТС.

„Секој лет на југот на Англија моментално е заземјен поради проблеми со контролата на воздушниот сообраќај“, се пожали на социјалните мрежи патник заглавен на Хитроиу.

„Ние сме на лет на ’Изиџет’ од Лутон до Анталија, токму требаше да полетаме. Моментално седам со девојки на летот без поим што ќе се случи“, објави друг патник.

„Лондонскиот воздушен простор е целосно затворен… Нема полетувања од ниту еден од лондонските аеродроми“, стои во една од објавите на заглавените патници.

Преку соопштение аеродромот Гетвик извести дека техничкиот проблем значи дека во моментов нема полетувања додека се решава ситуацијата.

„Технички проблем што влијае на НАТС влијае на сите појдовни летови низ Велика Британија“, соопшти аеродромот на мрежата X.

„Моментално нема полетувања од Лондон Гетвик додека се решава ситуацијата. Работиме со НАТС за да ги продолжиме летовите што е можно побрзо. Дојдовните летови сè уште слетуваат на аеродромот. Патниците треба да го проверат статусот на своите летови со нивната авиокомпанија“, стои во соопштението од аеродромот Гетвик.

Меѓународните летови што пристигнуваат на аеродромот Западен Сасекс се одложени за еден час. Аеродромот Бирмингем, исто така, потврди дека бил засегнат од техничкиот проблем.

НАТС кажа дека денес било предвидено да има повеќе од 3.000 летови што поаѓаат од аеродромите во Велика Британија, што е еквивалентно на над 577.000 патници.