Петте јазици на љубовта: Брачен терапевт открива зошто често не се разбираме иако се сакаме

Точка

30/07/2025

19:31

1.166

Големина на фонт

а а а

Гери Чепмен е доктор по психолошки науки, мотивациски говорник и брачен советник. Веќе неколку децении активно работи на емоционални проблеми, помагајќи им на луѓето да изградат цврсти и долготрајни врски.

Неговата книга „Петте јазици на љубовта“ со години е на врвот на листите на бестселери, пишува „Е-клиника“.

„Петте јазици на љубовта“ е практичен водич.

Книгата на Чепмен е продадена во повеќе од дваесет милиони примероци и се наоѓа на листата на бестселери на „Њујорк тајмс“ од 2007 година. Во неа, овој експерт за ментално здравје ги опишува петте начини на кои луѓето ја искажуваат и ја примаат љубовта во партнерските односи. Според него, најважни се:

• зборови на потврда,

• квалитетно поминато време,

• физички допир,

• дела

и подароци.


Запознавањето со љубовниот јазик на партнерот (и обратно) може да помогне двајцата да се чувствуваат поврзано, вреднувано и сакано. Чепмен ги дефинирал овие пет „правила“ за да им помогне на паровите да ја изразат љубовта на начин кој најсилно допира до емоциите на партнерот, преку давање и примање.

Делото е првпат објавено во 1992 година. Работејќи со парови, Чепмен забележал повторувачки модели на недоразбирање – партнерите не ги препознавале потребите еден на друг. Така ја добил идејата да ги сумира овие пет различни јазици на љубовта.

1. Зборови на потврда

Овој љубовен јазик вклучува изразување наклонетост преку зборови, пофалби или изрази на благодарност. Личноста чиј примарен јазик е овој, се чувствува сакано кога ќе добие охрабрувачка порака, романтичен цитат или убав СМС. Може да ѝ го разубавите денот со комплимент или признание за нешто што го постигнала.

2. Квалитетно поминато време

Овие личности најмногу ја ценат вашата целосна присутност. Се чувствуваат сакани кога им обрнувате внимание и кога заедно уживате во смислени активности. Тоа значи: исклучен телефон, активен контакт со очите, искрени разговори и вистинско слушање.

За нив, квалитетот на времето е поважен од количината.

3. Физички допир


Оние чие љубовен јазик е физичкиот контакт ја доживуваат љубовта преку телесна блискост. Тоа не значи само сексуални односи, туку и гушкање, држење за рака, масажа по долг ден… Совршен состанок за нив може да значи гледање филм во прегратка или прошетка рака за рака. Физичкиот контакт им е најдлабокиот израз на љубов.

4. Дела

Ова се активности кои ги правите за партнерот за да му го олесните денот, а со тоа да му покажете љубов и грижа. Можеби на прв поглед делуваат како ситници, но за личностите што зборуваат овој јазик – тие гестови значат многу. На пример: перење садови, одење во продавница иако не е ваш ред, чистење, точење гориво… Ако ова е јазикот на вашиот партнер, ќе забележи и ќе ја цени секоја мала работа што ја правите за него/неа. И најчесто и сам ќе изразува љубов преку дела.

5. Подароци

За луѓето што се исполнуваат преку подарување, секој подарок претставува симбол на љубов, внимание и грижа. Не се работи за цена, туку за намерата, вниманието и времето што сте го вложиле во изборот. Кога ќе одвоите време да изберете нешто што му одговара на вашиот партнер, тоа му покажува дека го познавате и почитувате. Дури и мала виолетова цвеќка може да има големо значење.


Постојат ли и други љубовни јазици? И што ако не ви се поклопуваат?

Според Чепмен, овие пет се основни, но тоа не значи дека нема и други начини на изразување љубов. Неговата теорија е само рамка што ја забележал низ работата со парови. Со текот на времето, можеме да откриеме и дополнителни „јазици“ како што се споделени искуства или емоционална сигурност. Колку повеќе размислуваме што нѐ исполнува во една врска, толку полесно можеме да му помогнеме на партнерот да нѐ сака на начинот што најмногу ни одговара и обратно. Можно е вашиот љубовен јазик да не се совпаѓа со оној на партнерот, што често доведува до недоразбирања. Но, ако научите да го „зборувате“ јазикот на другиот, многу е поверојатно дека ќе се чувствувате сакано, ценето и разбрано. Психолозите се согласуваат: ако двајцата вложите труд, вашата врска ќе има многу подобра иднина.