Лошата врска ја открива мини тест: Четири „не“ се знак дека односот е во криза, и покрај „заљубените фотографии“ на социјалните мрежи

Точка

16/07/2025

20:50

941

Големина на фонт

а а а

Лошиот партнерски однос е нешто што тешко се дефинира. Добрата комуникација, меѓусебната искреност и непоколебливата посветеност се клучни елементи на здрава љубовна врска. Но, теоријата е едно, а праксата – сосема друго. Често не ги препознаваме однесувањата кои сериозно можат да ја нарушат емотивната врска

Психологот Марк Траверс, експерт за партнерска и брачна психотерапија, посочува дека четири негативни одговори на следниот тест можат да бидат аларм за нарушен однос.

1. Дали чувствувате дека сте на иста страна за време на конфликт?

Конфликтите се неизбежен дел од секој однос, но начинот на кој се расправаме е поважен од самата причина за расправијата. Ако чувствувате дека не сте во иста екипа со партнерот, туку како да сте еден против друг – време е да се запрашате зошто. Лошиот однос може да се крие зад конфликти кои длабоко разделуваат.

Истражувањата покажуваат дека врската напредува кога и двајцата партнери веруваат дека проблемите се решливи. Според Траверс, тоа е добар почеток, но недоволен ако нема заедничка стратегија.


„Инаку, расправиите може да се претворат во емотивни дуели и да водат кон оддалечување и горчина“, вели тој.

2. Можете ли покрај партнерот да бидете целосно свои?

Здрава врска дава простор за автентичност. Дали се смеете гласно? Дали слободно велите дека нешто не ви се допаѓа? Дали се преправате дека сакате нешто само за да му угодите на партнерот? Ако не сте свои, туку постојано се потиснувате, тоа може да доведе до губење на сопствениот идентитет.

„Во здравите врски, автентичноста е привилегија – нешто што партнерот го сака, а не само го толерира“, нагласува Траверс.

3. Дали ве интересира внатрешниот свет на вашиот партнер?

Во почетокот на врската, љубопитноста е природна – сакаме да дознаеме сè за саканиот. Но со време, интересот може да избледи. Ако партнерот веќе не се интересира за вашите мисли, чувства и доживувања, ќе ја пропушти новата верзија на личноста што секојдневно се развива.


„Вистински заинтересираниот партнер секој ден ќе вложува во врската, ќе праша, ќе слушне, ќе биде присутен“, вели Траверс.

4. Дали преземате одговорност за своите грешки?

Грешките не се толку значајни колку начинот на кој се справуваме со нив. Дали партнерот ги признава сопствените грешки и се труди да ги исправи? Или пак, бега од одговорност, се брани и ја префрла вината врз вас?

„Конфликтите може лесно да се решат ако двете страни се подготвени да признаат грешка – понекогаш и со малку хумор, кој често е лек за потенцијална кавга. Но ако партнерот постојано одбива да преземе одговорност, време е за преиспитување“, заклучува Траверс.


Според него, искреноста, скромноста и желбата за подобрување мора да бидат обострани темели на секоја здрава и стабилна врска.