Објавите кои привлекуваат најголемо внимание во групата посветена на летување во Албанија се оние за цените во супермаркетите, рестораните, потоа цените на свежо овошје и зеленчук на тезгите, како и цената на пијалаците во кафулињата, на плажите...
Доколку судиме според објавите на Фејсбук, заинтересирани за летување на овој дел од Јадранот има многу.
На едно видео кое било објавено на социјалните мрежи, направено во супермаркет, забележани се цените на кафе, сокови, потоа цена на мусли, овесни снегулки за појадок, детска храна во теглички, млечна формула за бебе, грицки, чипс, кечап, сенф, мајонез, маслинки, кисели краставички, брашно, ориз, пире, тестенини, млечни производи...
Од видеото може да се забележи дека по маркетите има многу грчки производи, но исто така и германски.
Кој е односот на еврото и албанските леки
Националната валута во Албанија е лек и според курсот соодносот е: 1 евро – 97,75 албански леки.
Колку чинат работите?
Кога станува збор за соковите и безалкохолните пијалаци, од 80 леки во лименка, потоа литар сок од светски познати брендови 165 леки, а негазираните сокови 250 леки за литар.
Грицките, како крекери и слично чинат 60 леки, 95 леки, па до 200 леки за големи пакувања. Кога станува збор за чипсот, ќеса од 100 грама чини 150 леки, а 250 леки се поголемите чипсови.
Теглички со бебешка храна чинат од 250 до 350 леки, разни видови мусли во просек 400 леки, а кафето чини од 400 до 700 леки во просек, во зависност од видот на кафе.
Мајонез, кечап – 220, 250 леки. Макароните чинат од 150 леки до 200 леки.
Детски пудинг помало пакување чини околу 60-70 леки, а поголемо пакување пудинг и јогурт чини околу 210 леки. Разни млечни напитоци и овошни јогурти чинат од 170 па нагоре, во зависност од големината.
Цени во рестораните
Кога станува збор за цените во рестораните, девојка со име Александра која летувала во Саранда, напишала:
„Денес се вративме, просекот е 5 евра по човек, сѐ зависи кој колку сака да јаде. Во пекарница печивата се од 100 до 300 леки, во рестораните појадокот е од 5 евра па нагоре, ручек/вечера исто, фаст-фуд како гиро е 4 евра, сладолед 1 евро, овошје под 2 евра... Доколку четиричлено семејство јаде во ресторан, просекот е околу 50 евра“.
Драгослав од Драч, напишал дека „кафе и кока-кола на плажа чинат 250 леки“, дека бурекот е 100 леки, ручекот 500 леки.