Најголемата приватна колекција на "Citroën": Чува 125 совршено сочувани автомобили

Точка

13/07/2025

11:10

1.297

Големина на фонт

а а а

Францускиот ентузијаст и голем љубител на "Citroën", Анри Фраде, составил навистина респектабилна автомобилска колекција.

Во текот на четири децении, Фраде трпеливо и посветено собирал спектакуларна колекција од околу 125 модели на "Citroën" произведени по Втората светска војна. Колекцијата се наоѓа во рамки на музејот "CitroMuseum", лоциран во малото гратче Кастелан, на југот на Франција.

Фраде преферира возила со мала километража и во оригинална, нереставрирана состојба. Во потрага по најдобро сочуваните примероци патувал низ цела Франција, па дури и надвор од неа.


Музејот е поделен на три посебни секции. Првата е посветена на моделот "Traction Avant" и различните варијанти на моделите "DS/ID". Втората се фокусира на "2CV" и неговите бројни изведби. Третата и најнова секција ги опфаќа возилата произведени помеѓу 1970-тите и 1990-тите години.

Фраде не се задоволил само со паркирање на автомобилите и нарекување на просторот музеј. Секоја секција содржи вистинско богатство од Citroën-меморабилии – оригинални документи од истражувачкиот и развојниот оддел, макети од возила, стари реклами и ознаки од овластени дистрибутери.


Иако моделот "Traction Avant" е лансиран во 1934 година, неговото производство продолжило и по Втората светска војна, сè до 1957 година. Во музејот е изложен примерок со само 40.000 поминати километри и шестцилиндричен мотор од 2.9 литри, донесен во 2016 година.

Во колекцијата се наоѓаат и неколку модели "DS" и "ID", меѓу кои особено се истакнува шасијата со број 32 – 14-тиот продаден примерок и воедно најстариот преживеан. Произведен е во 1955 година.


Моделот "2CV" денес е еден од најпопуларните олдтајмери, со верна публика и Балканот. Музејот изложува десетина примероци – од најстариот од 1954 година до легендарниот "Charleston" кој беше чест гостин и на балканските улици.

Изложени се и шест модели "AMI", вклучувајќи го впечатливиот "AMI 6", не толку често виден на нашите патишта. Посебно интересен од тоа време е и моделот "M35", опремен со "Wankel" мотор со 59 коњски сили.


Меѓу најзастапените модели во музејот се оние што сè уште предизвикуваат восхит на улиците. Покрај "GS", тука е и "CX" – иконичен автомобил кој не треба посебно претставување, како и неговиот „духовен наследник“ XM, кој многумина го сметаат за последниот голем екстравагантен "Citroën".

Музејот изложува и неколку прототипи, како и контроверзниот "LNA" – првиот модел на "Citroën" создаден под "Peugeot", кој остана во сенка на неговиот наследник "Visa". Колекцијата ја заокружуваат модели како "AX", "BX" и електричниот "Saxo".