Оригиналната чанта направена за актерката Џејн Биркин, која стана една од највпечатливите дизајнерски креации на 20 век, е продадена на аукција во Париз за рекордни 8,6 милиони евра.
Оваа вест ја потврди аукциската куќа „Сотби“. Според приказна од модните кругови, првата чанта „Биркин“ била создадена откако француско-британската актерка, седејќи во авион до извршниот директор на модната куќа „Ермес“ во 1984 година, рекла дека како млада мајка ѝ е потребна функционална и стилска чанта.
Думас решил веднаш да скицира правоаголна чанта со простор за детски шишиња. „Ермес“ ја направил оваа чанта специјално за Биркин, а потоа почнал да продава помали верзии за пазарот. Дизајнот на чантата станал глобален хит и го поттикнал растот на овој препознатлив бренд.
Инаку, чантите Биркин се продаваат за повеќе од 10.000 долари. Освен што иницијалите на актерката (J.B.). се врежани во оригиналниот модел, првата чанта има и посебен позлатен додаток и неотстранлив ремен за на рамо што другите модели на Биркин го немаат. За неа вртоглава сума пари издвоил јапонски купувач кој лицитирал преку телефон.
Култната чанта Биркин, како симбол на луксуз и софистицираност, за прв пат била изложена во Франција во октомври минатата година, кога Сотби Париз ја организираше изложбата „Excellence a la Francaise“.
Пред изложбата во Париз, оригиналната чанта Биркин била изложена само двапати, во 2018 година во Музејот на модерна уметност во Њујорк и во 2020 година во музејот Викторија и Алберт во Лондон.