[ВИДЕО] Американецот кој се пресели на Балканот куќата од 5.000 евра ја претвора во дом од соништата – го покажа првиот голем резултат

Точка

10/07/2025

22:06

3.626

Големина на фонт

а а а

Џастус Рид, Американецот кој ги освои симпатиите на балканската јавност преку настапот во „Суперталент“, на своите следбеници на социјалните мрежи им го покажа првиот значаен напредок во реновирањето на старата куќа што ја купи среде загорска шума.

По неколку недели напорна работа, Џастус со гордост ја покажа првата уредена просторија – мала соба што сега му служи како спална и работен простор. Иако едноставно опремена со кревет, гардеробер и работна маса, оваа соба за него претставува огромен чекор напред во организирањето на животот во дивината. Во видеото што го објави на социјалните мрежи, со насмевка опишува колку му значи што конечно има свој агол за одмор и работа по напорен ден.


Објектот што го презеде бил во руинирана состојба – без струја, вода и пристапен пат, а сцените од уредувањето и поддршката што ја добива од локалното население предизвикаа воодушевување кај илјадници луѓе кои со нетрпение го следат секој нов чекор во создавањето на неговиот „дом од соништата“. – „Човекот купи куќа за 5.000 евра и доби цело семејство со неа“, „Изгледаш како да го живееш сонот, ама истовремено минуваш низ пекол“, „Сè станува сè подобро! Хуманоста на дело“, се дел од пораките.


Да потсетиме, куќата што тиктокерот ја купи за 5.000 евра се наоѓа во срцето на Крапинско-загорската жупанија, опкружена со густа шума. Иако не ја открива точната локација, Рид нагласува дека воспоставил топли односи со локалните жители кои несебично му даваат поддршка.


„Многу ми помогнаа, и сè уште ми помагаат, многу сум им благодарен. Од чистење на патот и дворот, па сè до работите што ги почнав. Еве, токму денес ми доаѓа сосед да ми лепи плочки. Кај мене беше и градоначалникот на општината, ми вети дека ќе помогне со водата и со патот, за да може да се пристапи со автомобил. Луѓето ме канат на ручек или вечера затоа што знаат дека сум сам, без струја и вода“, споделува тој за "Zagorje.com".


Џастус откри и интересна позадина за стекнувањето на оваа недвижнина. Имено, куќата ја добил од пријател од Загреб, кој претходно ја купил преку "Facebook Marketplace", но никогаш не престојувал подолго во неа. „Како што мојот пријател знаеше за моите планови, ми рече дека има куќа во шума и дека можам да бидам таму. Кога ми кажа дека платил 5.000 евра за неа, му реков дека ќе му ги дадам тие пари – иако куќата дотогаш ни ја немав видено. Ми требаа неколку дена да ја најдам, затоа што немаше пат, сè беше израснато, но сега сум тука и работам на неа. И стана најпопуларната работа што сум ја направил досега“, раскажува тој.


Тиктокерот проговори и за финансиската страна на своето онлајн работење. „Знаете, создавањето содржини за социјални мрежи чини пари. Има многу трошоци. Имам и двајца вработени кои ми помагаат околу креирањето на содржини и сакав да се посветат максимално на тоа, па морам да ги платам колку-толку добро. Конкретно, досега заработувам околу 100.000 евра годишно, од кои 40.000 им давам за плати, околу 40.000 се трошоци за продукција, така што мене ми остануваат околу 20.000 евра годишно – од кои повторно дел вложувам во нешто ново, како што беше купувањето на оваа куќа“, објасни тој, потенцирајќи дека е решен да истрае во својата мисија.