За разлика од минатите 7 години на нестручно и недомаќинско владеење на СДС и ДУИ со енергетскиот сектор кој доведе до девастација на електро енергетските капацитети и неколку кратно зголемување на сметките за електрична и топлинска енергија на граѓаните сега се поставени темелите за енергетска стабилност и независност, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Се градат 66,6 километри гасовод на македонска страна. Почетниот капацитет на гас е 1,5 милијарди кубни метри со потенцијал да се зголеми на 3 милијарди кубни метри. Вредноста на проектот е 60 милиони евра.
Проектот го реализира домашната компанија, времето на изградба на проектот е планирано да заврши за 22 месеца, а интерконекторот да биде готов во 2027 година“.
Според партијата на власт, изградбата на гасоводот е капитална инвестиција за државата но преку реализацијата на гасоводот се поврзуваме и со останатите земји во регионот и Македонија станува значајна енергетска крстосница, а конкретни придобивки освен регионот ќе имаат и македонските граѓани и компании.
Со овој интерконектор, како што појаснуваат, ќе имаме стабилно снабдување, но и пониски цени за граѓаните.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат, има јасен план и стратегија за енергетскиот сектор во служба на Македонија и граѓаните.