Луѓето коишто распродадоа од знаме до име, немаат кредибилитет да судат, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од страна на опозицијата дека не се одбранил македонскиот јазик и идентитет.
„Па видете, луѓето коишто распродадоа сѐ што можеше да се распродаде во минатото, а којашто претставува идентитетска одредница, почнувајќи од знамето, завршувајќи со името, јас мислам дека апсолутно немаат кредибилитет да судат и да пресудуваат. А што направи оваа Влада? Се обиде да врати дел од загубеното и делумно успеавме, затоа што ќе остане запишано и ќе има институционална меморија, Европскиот извештај којшто беше изгласан на АФЕТ, Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент и истиот со тој текст, вчера се најде пред европратениците“, изјави Мицкоски.
Посети и дека обидот бил, целосно преименување на македонскиот идентитет и јазик од страна на некои европратеници коишто со своето неодговорно однесување се обиделе да го додефинираат како „модерен“. Тоа не успеало, бидејќи мнозинството европратеници ја прочитале намерата.
Но, за жал, како што изјави Мицкоски, успеало она бришење од самиот Извештај на македонскиот идентитет и јазик, она коешто веќе беше усвоено на АФЕТ Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент.
„И она што е уште поважно, е што Европа, светот, македонските граѓани видоа дека Договорот постигнат 2022 или како да кажам прифаќањето на тогашниот предлог во суштина не претставува само лесна промена, интервенција во преамбулата и внесување на дел од бугарското малцинство во истиот, туку проблемот е многу подлабок, многу посуштински, а тоа е негирање на идентитет, на јазик, на еден од најмалубројните народи во Европа од страна на неговиот, во случај источен сосед или соседна Бугарија. Тоа е за мене чин без преседан, е сѐ само не европска вредност и јас навистина не можам да прифатам како европратеници коишто вчера гласаа за бришење од Извештајот на македонскиот идентитет и јазик, мирно ќе спијат, а им благодарам на сите оние сто дваесет и нешто коишто гласаа против и на оние нешто повеќе од стотина коишто се воздржаа од било какво гласање“, рече Мицкоски.