Татко од Ново Село ја тепал 11-годишната ќерка и го снимал насилството со телефон

Макфакс

10/07/2025

15:50

396

Големина на фонт

а а а

Полицијата поднесе кривична пријава против 57-годишниот З.Ч. од општина Ново Село, за кој постои сомнеж дека насилно се однесувал со својата 11-годишна ќерка и ја снимал со телефон.

Настанот се случил пред два дена, во дворното место од неговата куќа, каде што пријавениот ја нападнал својата 11-годишна ќерка, за која е законски старател по разводот со сопругата. Тој го снимил насилството со мобилен телефон, а видеото подоцна било објавено на социјалните мрежи, соопшти полицијата.

По објавувањето, полициските служби на СВР Струмица веднаш презеле мерки, го идентификувале и привеле пријавениот. При службен разговор, тој го признал делото.

Јавниот обвинител од ОЈО Струмица веднаш бил известен за случајот, а детето било прегледано од лекар од Медицинскиот центар Струмица. Притоа се констатирани телесни повреди – црвенило на двете раце во пределот на зглобовите.

Во постапката е вклучен и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Струмица, кој презема понатамошни мерки за заштита на малолетното дете.