Од "Bugatti" му барале 15.500 долари за прекинувач – сопственикот го поправил сам за 1 долар

Точка

04/07/2025

18:16

1.592

Големина на фонт

а а а

Луксузот никогаш не бил евтин – особено кога се обидувате да одржувате еден од најексклузивните хиперавтомобили на светот. Ако поседувате "Bugatti Veyron" надвор од гаранција, дури и најмалиот дефект може да ве чини цело богатство.

Тоа го потврдува и Карл Хартли, трговец со суперавтомобили од Велика Британија и поранешен сопственик на "Veyron", кој успеал да реши проблем вреден 15.500 долари – за смешна сума, со малку истражување и помош од пријател, пишува "CarScoops".

Во разговор со претприемачот Роб Мур, Хартли открил дека "Veyron" е најскапиот автомобил за одржување што некогаш го поседувал. Годишните трошоци за сопственост достигнуваат 135.500 долари, додека сервисирањето може да чини и до 40.600 долари.


Скап прекинувач – или не?

Еден мал дефект на "Veyron" – прекинувачот за приспособување на ретровизорите – почнал да „шкрипи“ по четири години. Не било сериозно, но доволно за да бара поправка.

"Bugatti" му понудил „решение“: целосна замена на облогата на вратата, електромоторот и склопот на ретровизорот – со сметка од 15.500 долари.

Хартли одбил да плати толку и се обратил кај пријател со искуство во Формула 1. По кратка истрага, откриле дека истиот дел се користи во "VW Transporter" – комерцијален комби.

Делот се продава во пакет од пет парчиња и чини само 0,89 фунти (околу 1,20 долари) – помалку од пакетче мастики!

Поправката траела само 20 минути, а пријателот не наплатил ништо.

Хартли тогаш им порача на другите сопственици на "Bugatti" да не се плашат да се обратат кај независни сервисери, бидејќи многу поправки можат да се направат за дел од цената што ја бараат официјалните дилери.


Кога „рутинска“ поправка не е рутинска

Во претходен случај, еден сопственик на "Veyron" добил сметка од 20.500 долари само за нов резервоар – без вградување. Вградувањето дополнително чинело 22.800 долари.

Од друга страна, сензор за притисок на турбина – идентичен со оној кај "VW Golf GTI" – чинел само 19 долари, но инсталацијата чинела 1.800 долари.

Заклучок? Ако возите суперавтомобил, особено "Bugatti", паметно е да побарате второ мислење.

Бидејќи не мора баш секој дел да биде „позлатен“. Некои доаѓаат директно од – доставно комбе.