"Renault Argentina" претстави навистина несекојдневна креација – уникатна кабриолет-лимузина базирана на товарниот модел "Renault Kangoo Express".
Возилото е изработено во Аргентина и ќе се користи за туристички обиколки на фабриката на "Renault" во Кордоба.
Фотографии од ова необично возило на социјалните мрежи сподели Пабло Сибила, претседател на "Renault Argentina".
Автомобилот го задржува предниот и задниот дел од стандардниот модел "Kangoo", вклучително и крилата и вратите, но остатокот од возилото е драстично изменет.
Покривот е целосно отстранет, а меѓуосовинското растојание е екстремно продолжено за да може кабината да смести дури четири реда седишта. Каросеријата е украсена со специјална фолија во боите на аргентинското знаме и графики инспирирани од логото на Renault.
Внатрешноста е конфигурирана да прими девет патници, плус возач. Предното совозачко седиште е отстрането за да се создаде премин до вториот ред, додека пристапот до третиот и четвртиот ред е овозможен преку страничните лизгачки врати.
Патниците во задните редови седат на повисоки позиции, што им овозможува подобра прегледност за време на возењето.
Основата на оваа лимузина всушност е "Dacia Dokker" (со значка на Renault), која во Аргентина се продава како поевтина алтернатива на третата генерација на "Renault Kangoo".
"Kangoo Express" во таа земја се нуди со два мотори – бензински 1.6 со 112 коњски сили и дизел 1.5 со 88 коњски сили.
Иако може да се претпостави дека вакво ексцентрично возило има промотивна намена, неговата вистинска улога е доста симпатична – ќе служи за обиколки низ фабриката, пред сè за училишни деца и други посетители.
Интересно е што фабриката моментално е затворена за посетители, бидејќи се подготвува за производство на нов компактен пикап за јужноамериканскиот пазар, најавен преку концептот "Niagara" во 2023 година.
Новиот модел ќе користи модуларна механичка платформа и најверојатно ќе има и хибридна верзија.
По официјалното претставување на новиот пикап, отворениот "Kangoo Limo" конечно ќе ја започне својата необична мисија…