Начинот на кој е избрана судијката Даниела Димовска за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата со која ме осуди на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неговата реакција за изборот на нов претседател на Кривичниот суд Скопје.
„Повеќе пријатели ме известија дека судијката Даниела Димовска е назначена за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје. И честитам на изборот, нормално е секој да сака да напредува, но да напредуваш преку газење на лешеви тоа е прво нечовечки. Самиот факт што во изминатиот еден час има силни реакции, особено од нејзини колеги на нејзиниот избор, ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата што ја донесе против мене, да бидам осуден на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Можете да ја видите паралелата. Судијката напредува по заслуги, ама партиски. Јас сум бил четири пати градоначалник на Карпош исто така по заслуги, ама тоа е поради доброто служење на граѓаните. Нормално е да размислувам дека нејзиното унапредување е награда за пресудата што беше изречена од страна на она арамиско гнездо сместено во „Белата палата“, а дека таа само беше поштарот што ми ја соопшти пресудата на 23 април и која што впрочем се уште ја немам добиено“, изјави Јакимовски.
Градоначалникот вели дека унапредувањето на судијката за него е доказ дека пресудата е политичка и за него тоа е дополнителна мотивација да ги бодри карпошани на следните избори да не дозволат Мицкоски да ја претвори и општината во уште една негова партиска испостава.
„Ќе ме прашате дали сум резигниран, дали сум разочаран. Да, бев разочаран кога ми беше соопштена пресудата, но кога сега ова го слушам, ми дава повеќе мотив и повеќе енергија и повеќе доказ дека јас сум неправедно осуден и дека мојата пресуда е политичка и ова е само мотив повеќе да ги бодрам карпошани на идните локални избори да се борат и да не дозволат канџите на Христијан Мицкоски и неговата ДПМНЕ заедно со неговата клика да ги вгнезди, овде да ги зарие во карпошевото месо и Карпош го претвори во партиска испостава. Јас сум настапувал со политички партии но никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб со една политичка партија. Напротив, ова било место каде што се решавале проблемите на граѓаните и подеднакво право имал секој граѓанин на Општина Карпош без разлика на политичката, верската, националната, религиозната припадност. За жал денеска сме сведоци во највиталниот дел од општеството, а тоа е судството дека и оваа власт се потруди максимално да го испартизира“, нагласи Јакимовски.