Девојчињата уште од мали растат со фразата „Биди умна, мирна и добра девојка”. За разлика од нив, стереотипот кажува дека на момчињата им е дозволено да бидат побунтовни и понемирни. Не постои девојка што барем еднаш во својот живот не се соочила со фразата „Не ѝ личи на една добра девојка да…”. Колку од тие очекувања од семејството и од околината влијаат врз развитокот на една млада девојка и дали подоцна во животот ги носи со себе како голем товар? Како да се ослободите од социјалните стеги? И што е тоа што ве прави „лоша девојка”?
Во четвртата епизода од втората сезона на dm поткастот „Женски ритам”, водителката Живкица Каленикова заедно со гостинките Викторија Лоба, пејачка, модел, инфлуенсерка, јавна личност и Елена Џебр, лиценциран психолог и психотерапевтка, ги разгледуваат овие прашања и пробуваат да го деконструиират „Синдромот на добра девојка”.
Како што ќе слушнете, за голем дел од своите зборови, постапки, па и начинот на облекување, девојките и жените се соочуваат со стереотипи и предрасуди, и на некој начин тоа им вродува и страв од осуда. Често и се прашуваат како да кажат „не” без да чувстуваат грижа на совест или вина дека се перцепирани како бунтовнички. Но, сведоци сме дека се појавува силно изразена стигматизација не само од страна на машката популација, туку и подеднакво и од женскиот свет. Зошто девојките знаат да бидат токсични една кон друга и да се судат меѓу себе и покрај тоа што се свесни за негативните чувства кои ги предизвикуваат?
Додека ја чекате новата епизода, доколку сакате да се навратите на некоја од претходните епизоди од новата втора сезона на поткастот „Женски ритам” слободно погледнете го YouTube каналот на dm. И не заборавајте, споделете, коментирајте на dm профилите на социјалните мрежи за да се вроди што поплодна дискусија за најважните женски теми!