Општина Ѓорче Петров е еден од партнерите во меѓународниот проект UrbanGreenLeap, поддржан од програмата Interreg Euro-MED, кој има за цел унапредување на зелената инфраструктура и зголемување на урбаната отпорност на климатски промени во мали и средни медитерански градови.
Во рамки на проектот, предвидена е изградба на нов, модерен и мултифункционален зелен парк во населбата Волково, на потегот кај последната автобуска станица на линијата „22“. Паркот ќе биде наменет за сите генерации, со содржини за деца, ученици, пензионери, како и за граѓани кои сакаат простор за одмор, еко-едукација и рекреација.
Проектот, кој ќе се реализира во период од 33 месеци (април 2025 – декември 2027), ќе овозможи зајакнување на капацитетите на општината за управување со зелените површини, активно учество на граѓаните во планирањето, развој на урбани планови за интеграција на биодиверзитетот и изработка на студии за унапредување и проширување на зелените зони.
- Општина Ѓорче Петров вложува континуирани напори за да стане зелена урбана заедница, прилагодена на современите еколошки предизвици. Со изградбата на новиот парк во Волково, не само што добиваме убава и функционална јавна површина, туку и градиме свест, заедништво и одговорност кон природата. Зелено Ѓорче не е само идеја, туку реална визија која веќе ја претвораме во конкретни проекти, изјави градоначалникот Александар Стојкоски по повод реализација на проектот.
UrbanGreenLeap обединува 10 партнери од ЕУ и соседни земји, вклучувајќи општини, институти и универзитети, со водечки партнер Општина Цеље (Словенија). Вкупниот буџет на проектот изнесува 2.388.555,00 евра, од кои 1.910.844,00 евра се обезбедени од ЕУ фондовите.
Со оваа иницијатива, Ѓорче Петров се вклучува во заедничката европска мисија за поодржливи, позелени и поотпорни урбани средини, а граѓаните добиваат можност активно да придонесат кон изградбата на поздрава животна средина.