Американски сенатор за Трамп: Човек без воено искуство секогаш прв сака да фрли бомба

Макфакс

23/06/2025

16:39

266

Големина на фонт

а а а

Американскиот сенатор Марк Кели остро го критикуваше претседателот Доналд Трамп за воздушните напади врз нуклеарните објекти на Иран и вмешаноста на САД во конфликтот меѓу Израел и Иран.

„Интересно е, како лице без борбено искуство, често е првото што сака да фрли бомба“, рече Кели вчера во емисијата „Meet the Press“ на NBC.

Тој додаде: „И ова е она што го гледаме сега. Она што го направивме синоќа дополнително ги загрозува нашите војници, 40 илјади од нив. Но, ние ќе направиме сè што можеме да ги заштитиме. Нашата армија е исклучително способна. Ќе направиме сè за да ги одбраниме нашите интереси.“

Коментарите на Кели дојдоа откако Трамп објави во саботата дека САД извршиле напади врз три нуклеарни објекти во Иран. Тој ги опиша нападите како „многу успешни“ на неговата платформа Truth Social.

„Го завршивме нашиот многу успешен напад врз три нуклеарни локалитети во Иран: Фордо, Натанц и Исфахан. Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор“, напиша Трамп во саботата.

Во објавата, тој продолжи: „Сите авиони се враќаат дома безбедно. Честитки до нашите големи американски воини. Нема друга војска во светот што можеше да го направи ова. Сега е моментот за мир“.

За време на гостувањето во „Meet the Press“, Кели потврди дека „Иранците не биле во процес на развој на нуклеарно оружје“.

„Јас сум во Комитетот за разузнавање година и пол, а цело време сум во Комитетот за вооружени сили на Сенатот. Можам да кажам дека, доколку ни е познато, Иранците не развивале оружје. Тие збогатувале ураниум“, рече Кели.

Потоа изјави дека Иранците имале „повеќе отколку што им било потребно за да произведуваат електрична енергија“.

„Тие правеа нешто што ние не сакавме да го прават. Но, тие сè уште, знаете, работеа во рамките на меѓународната заедница. Беше јасно што имаа“, продолжи тој.

Потоа рече дека неговиот „најголем страв во овој момент е дека Иранците ја преместуваат целата програма во илегала, не физички, туку за да се сокријат од меѓународната контрола“.

Додаде: „Не знаеме што планираат во иднина. Можно е да се обидат да го забрзаат развојот на нуклеарно оружје. Таму каде што се обидовме да ја запреме програмата, постои можност дека сме ја забрзале со овој потег“.