Јорданскиот крал: Срамна верзија на човештвото се одвива пред нашите очи

Макфакс

17/06/2025

16:16

317

Големина на фонт

а а а

„Светот е во морален пад, како што најјасно се гледа во бруталната војна во Појасот Газа“, изјави денес јорданскиот крал Абдула Втори пред Европскиот парламент.

„Правилата се напуштаат, вистините се менуваат секој час, омразата и поделбите се шират, а умереноста и универзалните вредности се губат поради идеолошките крајности“, изјави кралот на земјата сместена меѓу завојуваните страни пред Европскиот парламент во Стразбур, а која на Блискиот Исток се смета за една од најдоверливите арапски сојузници на Западот.

Јордан е исто така важен партнер за ЕУ ​​на глобално, регионално и на билатерално ниво, особено поради својата улога во одржувањето на стабилноста во регионот и застапувањето на меѓуверскиот дијалог на Блискиот Исток.

„Светот денес е во морален пад. Срамна верзија на човештвото се одвива пред нас во реално време“, изјави Абдула Втори пред пленарната седница на ЕП.

„Никаде ова не е појасно отколку во Газа“, продолжи јорданскиот крал. Тој потсети дека во 2023 година првите израелски напади врз болниците во палестинската енклава беа дочекани со меѓународна осуда и дека Светската здравствена организација оттогаш регистрирала уште 700 вакви напади.

„Како е можно она што се сметаше за злосторство пред само 20 месеци сега да е толку вообичаено што едвај се евидентира?“, праша кралот на земја што самата водеше вооружен конфликт против Палестинската ослободителна организација во минатиот век.

„Која верзија на нашата човечност дозволува незамисливото да стане рутина? Дозволува употреба на глад против децата како оружје? Ги нормализира нападите врз здравствените работници, новинарите и цивилите, кои бараат засолниште во бегалските кампови?“

Јорданскиот крал предупреди дека токму во хаотичните моменти во историјата треба да се потсетиме на универзалните вредности на човештвото. „Бидејќи кога светот го губи својот морален компас, ние го губиме и нашето заедничко чувство за правилно и погрешно, што е праведно и што е сурово. И кога тоа ќе се случи, конфликтот никогаш не е далеку“.

Абдула Втори нагласи дека ова не е само прашање на Газа, туку и борба за тоа „кои сме ние како глобална заедница и што ќе станеме“. „А сега, со проширувањето на офанзивата на Израел во Иран, не може да се каже каде ќе запрат границите на ова бојно поле. Тоа, пријатели мои, е закана за луѓето насекаде“, заклучи тој.