Палестинците: Израелските тенкови пукаа врз цивили и убија најмалку 51 лице

Макфакс

17/06/2025

14:13

170

Големина на фонт

а а а

Израелски тенкови вчера пукаа врз толпа луѓе кои се обидуваа да соберат хуманитарна помош од камион во Појасот Газа, при што според медицинскиот персонал загинале најмалку 51 лице.

Видеото споделено на социјалните мрежи покажува десетина осакатени тела на улица во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа. Израелската армија призна дека пукала во областа и соопшти дека го истражува инцидентот.

Очевидци изјавија за „Ројтерс“ дека израелските тенкови испалиле најмалку две гранати врз илјадници луѓе собрани на главниот источен пат низ Кан Јунис, надевајќи се дека ќе добијат храна од камионите со хуманитарна помош што ја минуваат таа рута.

„Одеднаш ни дозволија да се движиме напред, а потоа почнаа да паѓаат гранати, тенкови“, изјави Ала, сведок, за Ројтерс во болницата Насер, каде што ранетите лежеа на подот и во ходниците поради недостаток на простор.

„Никој не ги гледа овие луѓе со милост. Луѓето умираат, тие се растргнати, само за да добијат храна за своите деца. Погледнете ги овие луѓе, сите тие се ранети обидувајќи се да добијат брашно за да ги нахранат своите деца“, додаде.

Медицинскиот персонал соопшти дека најмалку 51 лице загинало, а 200 се ранети, од кои најмалку 20 се во критична состојба.

Израелската армија (ИДФ) во соопштение наведе дека се обидува да ја минимизира штетата што е можно повеќе.