Успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор на Клиниката за ортопедски болести

Макфакс

13/06/2025

11:49

109

Големина на фонт

а а а

На Клиниката за ортопедски болести успешно се изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја, соопштија од Министерството за здравство.

Во првиот случај, е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спроведе стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.

Втората трансплантација беше изведена кај 65-годишна пациентка со дијагностициран гигантоцелуларен тумор на дисталниот дел од радиусот на десната подлактица. По претходно направена биопсија е заменето туморското ткиво со здраво коскено ткиво од донор. Интервенцијата ја водеше специјалист ортопед и супспецијалист трауматолог д-р Резеарт Далипи, заедно со тимот: д-р Маја Неделковска, специјалист ортопед, д-р Симона Карапанџевска, специјализант по ортопедија, д-р Искра Шојлевска–Јовановска, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Јадранка Зафировска, анестетичар Мерита Рамадани, инструментарка Оливера Лазаревска, помошна инструментарка Сања Тодоровска, радиолошки техничар Силвана Стојковска и болничар Сејнур Идриз.

Двете интервенции се реализирани во соработка со д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка.

„Огромна благодарност до сите членови на тимовите вклучени во трансплантациите, како и до семејствата на донорите. Зајакнување на знаењата и вештините, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, се нашиот постојан императив“, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.