Индиските власти потврдија дека е пронајдена „црната кутија“ од авионот на Ер Индија што се урна во четвртокот во густо населен дел од градот Ахмедабад. Несреќата, која се смета за една од најтешките во историјата на индиското воздухопловство, однесе најмалку 246 животи – 241 патник и членови на екипажот, како и најмалку петмина на земја.
Дигиталниот уред за снимање податоци од летот бил пронајден на покрив во близина на местото на несреќата, соопшти Агенцијата за истраги на авионски несреќи на Индија (AAIB), која ја почна истрагата со „целосна мобилизација“.
Министерот за цивилно воздухопловство, Рам Мохан Наиду, го нарече пронаоѓањето на „црната кутија“ клучен чекор во расветлување на причините за трагедијата.
„Уредот ќе овозможи анализа на моторите, управувачките системи, но и разговорите во пилотската кабина“, изјави Пол Фром од британската Асоцијација на машински инженери.
Според првичните информации, авионот „Боинг 787 Дримлајнер“ што требал да лета кон Лондон, се срушил само неколку минути по полетувањето, удирајќи во зграда во која бил сместен студентски дом на медицински факултет. Причинета е голема материјална штета, а околу 50 лица се повредени.
Поранешниот истражител на Националниот одбор за транспортна безбедност на САД, Џеф Гузети, изјави дека, доколку уредот е функционален, првичните причини за несреќата може да се дознаат уште следната недела.
„Ќе се испитуваат параметри како губење на сила на моторот, крилните клапни, активирање на аларми, но и дали екипажот точно ги внел податоците за температурата и тежината на авионот“, изјави Гузети.
Индиската Агенција за цивилно воздухопловство наложи итна проверка на сите авиони „Боинг 787-8“ и „787-9“ со мотори „GEnx“ на Ер Индија, вклучително и на системите за гориво, мотори и хидраулика.
Во петокот, премиерот Нарендра Моди го посети местото на несреќата и се сретна со единствениот преживеан патник.
„Целата нација е потресена од трагедијата во Ахмедабад. Губењето на толку многу животи на ненадеен и трагичен начин е незамисливо“, напиша Моди на социјалните мрежи.
Телата на загинатите сè уште се идентификуваат преку ДНК анализа, бидејќи повеќето биле јагленосани. Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.