[ФОТО] Култната Биркин: Приказната за најпознатата чанта во светот и француската икона Џејн Биркин

Кармин

09/06/2025

19:22

620

Големина на фонт

а а а

Оригиналниот примерок на прочуената „Биркин“ чанта, која стана една од најпрепознатливите и најскапите чанти во светот, ќе биде во фокусот на аукцијата „Икони на модата“, соопшти аукциската куќа „Сотби“, а пренесе „Јуроњуз“.

Станува збор за „историски, рачно изработен оригинален модел“, како што го опишуваат од аукциската куќа, направен од црна кожа, со врежани иницијали Џ.Б. Чантата има уникатни карактеристики: метални прстени што не се отвораат, ремен за на рамо што не се вади и вграден сечкач за нокти.


Раѓање на легенда

Најпознатата чанта во современата мода настанала по една случајна средба што се претворила во урбана легенда. За време на лет од Париз до Лондон, англиско-француската пејачка и актерка Џејн Биркин, која почина во 2023 година, му се пожалила на својот сопатник дека не може да најде практична чанта што ќе ѝ одговара на нејзините потреби како млада мајка.

Сопатникот ѝ бил Жан-Луј Дима, тогашен директор на модната куќа „Ермес“. Разговорот меѓу нив бил инспирација за создавање на пространа кожна чанта со место за шише и други неопходни предмети. Така, во 1984 година се родила Биркин чантата.


„Постојат ретки моменти во светот на модата кога еден предмет ги надминува трендовите и станува легенда. Оригиналната Биркин чанта на Џејн Биркин е еден таков момент“, изјави Морган Халими, глобална директорка на одделението за чанти и мода во „Сотби“.


Четири децении подоцна, оваа кожна чанта стана симбол на француската компанија за луксузна галантерија. Се изработува во многу ограничени количини, што ѝ дава аура на ексклузивност, а цените варираат од неколку илјади евра за наједноставните модели до неколку стотици илјади за најлуксузните изданија.

Симбол на славните

„Биркин“ чантата е омилен избор на славни личности како Клои Кардашијан, Џенифер Лопез, Хајди Клум, Роуз Хантингтон Вајтли и Викторија Бекам. Чантата не се изложува во излози ниту се продава преку интернет.


Овој оригинален примерок ќе биде изложен во просториите на „Сотби“ во Њујорк од 6 до 12 јуни, по што ќе биде пренесен во Париз пред аукцијата. Освен „Биркин“ чантата, аукцијата ќе понуди и култни парчиња од модните писти на Кристијан Диор, Тиери Миглер, Џон Галијано и Александар Меквин.


Процесот на онлајн аукцијата ќе започне на 26 јуни и ќе трае до 10 јули. Телевизиската мрежа Си-eн-eн побара информација за тоа колку се очекува да достигне цената на чантата, но од аукциската куќа не дадоа проценка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk