Ја одбиле за швајцарско државјанство затоа што била – „премногу напорна“

Точка

02/06/2025

20:43

14.954

Големина на фонт

а а а

Иако животот во Швајцарија нуди бројни придобивки – од прекрасна природа до силна економија и безбедни работни места – се покажало дека патот до швајцарското државјанство не е нималку лесен. Имено, еден од критериумите за добивање државјанство може да биде и – „симпатичноста“.

Доколку локалното население процени дека кандидатот не е „доволно интегриран“ или едноставно е „премногу напорен“, барањето за државјанство може да биде одбиено – дури и ако се исполнети сите формални услови, пренесува „Daily Mail“.


Холанѓанка двапати одбиена

Оваа необична пракса одблиску ја почувствувала Ненси Холтен, родена Холанѓанка која со години живее во Швајцарија. Иако ги исполнила сите правни услови за добивање државјанство, нејзиното барање било одбиено двапати, бидејќи жителите ја доживеале како проблематична личност.

Причината? Нејзината јавна критика на швајцарските традиции.

Ненси започнала кампања против кравјите ѕвона, нарекувајќи ги прегласни и сурови за животните. Исто така, ги критикувала трките со прасиња, ѕвоната од црквите и сè што, според неа, претставува непотребен извор на бучава или страдање на животни.


„Само сакав да придонесам кон заштитата на животните. Не сфаќав дека тие работи се традиција за многу луѓе. Сега го разбирам тоа“, изјавила таа за „Swiss Info“.

Поради ваквите ставови, локалната заедница проценила дека Ненси „не се вклопува во швајцарскиот начин на живот“, па нејзиното барање било одбиено. Подоцна, случајот бил разгледан од повисоки власти, кои заклучиле дека нема правна основа за одбивање, по што таа на крајот сепак добила државјанство.