„Многу е тешко да се спречи стампедо или грабеж“: Црвената полумесечина за испраќањето помош во Газа

Макфакс

22/05/2025

22:08

207

Големина на фонт

а а а

Палестинската црвена полумесечина денес соопшти дека жителите на Газа сè уште не добиле помош што ја преминала границата оваа недела и дека испраќањето толку мал број камиони е покана за убивање поради ризикот од стампедо и насилни грабежи.

„Ниеден цивил сè уште не добил помош. Повеќето камиони сè уште се во Карем Шалом на границата, но не пристигнале во Газа“, изјави за новинарите Јунис Ал-Хатиб, претседател на Палестинската црвена полумесечина. „Многу е тешко да се спречи стампедо или грабеж што би можел да се случи“, додаде тој.

Шефот на палестинската црвена полумесечина денес изјави дека активностите на неговата организација во Газа би можеле да бидат прекинати за неколку дена поради недостаток на нова помош, како и недостаток на гориво, поради што капацитетот на амбулантните возила е намален на една третина.

Брашно и други залихи почнаа да пристигнуваат во некои од најранливите области во Газа откако Израел дозволи неколку камиони да поминат, но помошта не е ни приближно доволна за да го надомести недостигот предизвикан од 11-неделната блокада на Израел, соопштија палестински претставници.

На прашањето колку долго неговата организација може да продолжи да работи во крајбрежната енклава, претседателот на Палестинската црвена полумесечина им рече на новинарите во Женева дека тоа е прашање на време.

„Може да поминат денови. Ни снемува гориво. Капацитетот на амбулантните возила што ги користиме сега е една третина“, додаде тој, велејќи дека возилата на бензин веќе престанале да работат, но дека некои, обезбедени од Обединетите нации, користат сончева енергија.

Палестинската Црвена полумесечина е дел од најголемата хуманитарна мрежа во светот, Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, и обезбедува медицинска нега во Појасот Газа и во Западниот Брег, окупиран од Израел.