Јаневска: Се залагаме за едносменска настава во сите училишта

Макфакс

12/05/2025

14:32

469

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село.

„Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“, рече Јаневска.

Нагласи дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано.

Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите. Иако училиштата се под надлежност на општините, тие ќе ја имаат поддршката од Владата и од Министерството за образование и наука и во иднина.

„Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници“, посочи Јаневска.

За да се оствари процесот, потенцираше дека се потребни средства и време, но изрази уверување дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.