Изборот на новиот папа чини околу 2,5 милиони евра: Секој ден чекање чини 75.000 евра, велат експертите

Макфакс

08/05/2025

16:39

367

Големина на фонт

а а а

Додека светот се свртува кон Ватикан за да одлучи кој ќе биде новиот папа, зад затворените врати на Сикстинската капела се одвива процес познат како конклава – долг, таен и, како што се испостави, доста скап настан, според светските медиуми.

Кога кардиналите не успеваат брзо да се договорат за избор на нов поглавар на Католичката црква, трошоците растат од ден на ден. Овој процес, според написите, вклучува сместување за над 100 кардинали во Домот на Света Марта во Ватикан,

– Обезбедување на приватност и безбедност (вклучувајќи блокирање на сигналот, техничка заштита, дополнителен персонал),

– Оброци и логистика (кујна, чистачи, транспорт),

– Церемонијални и технички трошоци во Сикстинската капела (на пр. познатата печка за чад).

Проценките за трошоците дневно варираат, но експертите веруваат дека износот од 50.000 до 75.000 евра дневно е реален. Значи, ако конклавата трае 10 дена, вкупните трошоци можат да надминат 700.000 евра. Ако е потребно еден месец, што не е невозможно – бројката се зголемува на 2 до 2,5 милиони евра, според анализите.

Најдолгиот папски избор се одржал од 1268 до 1271 година во Витербо, кога на Црквата ѝ беа потребни 2 години и 9 месеци за да го избере папата Григориј X. Ситуацијата беше толку екстремна што локалните власти ги затворија кардиналите, им ги намалија оброците, па дури и го отстранија покривот од просторијата за да ги принудат да се договорат.

Иако конклавата симболично делува како аскетски чин, зад сцената се ангажирани десетици луѓе и голема организација. Сикстинската капела е технички подготвена месеци пред конклавата: инсталирани се електронски блокирачи, безбедносни системи, печки за чад, уреди за гласање и стерилни комуникациски системи.

Проценките велат дека целата организација на конклавата може да чини помеѓу 1,5 и 3 милиони евра, во зависност од времетраењето.

Ватикан можеби не плаќа даноци, но цената за избор на нов поглавар на Црквата воопшто не е симболична. Секој ден без папа во денешниот свет ја чини Црквата и финансиски и политички. И додека милиони верници чекаат бел чад, милиони евра полека исчезнуваат во сенката на куполата на Свети Петар, пишуваат свестките медиуми.