Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст, оствари средба со Михаел Рајфенштул, директор за Југоисточна Европа во Германското министерство за надворешни работи.
Претседателот на Групата и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, го истакна важниот момент за одржување на средбата, а тоа е формирањето нова германска влада, момент битен и за нашата земја и за Регионот. Во очекување се подобри резултати на германската економија, што има директно влијание кај нас и нашите соседи, со оглед на тоа што Германија е најважниот трговски партнер.
Исто така, како битно, Милошоски го издвои и вклучувањето на Парламентите во Берлинскиот процес, како додадена вредност. Берлинскиот процес го означи како порелевантен проект за приближување на Западен Балкан кон ЕУ од Проектот Отворен Балкан, кој не беше инклузивен, односно не ги вклучуваше Црна Гора и Косово, и со самото тоа не беше комплетен. Од друга страна, во Берлинскиот процес, кој започна во 2014 година, покрај шесте земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, учествуваат и 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, која пак од јуни ќе го презеде претседавањето од Германија.
Во својата прва посета на Скопје, политичкиот директор Рајфенштул, истакна дека е тука, пред сѐ, да слуша, да ги слушне овдешните искуства, впечатоци, и да научи од нив. Изрази задоволство од неодамнешното формирање на оваа Група, која е политички мешана, што е показател за демократијата. Тој информира дека германската новоформирана влада се соочува со голем број предизвици, но останува посветена на Берлинскиот процес, кој се темели на три столба, и тоа: поддршката за проширување на ЕУ, регионалната енергетска соработка и добрососедските односи. Приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ е нужност која треба да се случи што поскоро, а билатерализмот нема што да бара во пристапниот процес – беше дециден Рајфенштул.
Присутните пратеници го пренесоа евроскептицизмот кај граѓаните, со оглед на тоа што сме долго во чекалницата на ЕУ поради билатерални прашања и нови и нови услови за отворање на преговорите. Ставот е дека билатералните спорови се злоупотребуваат и служат како изговор за блокада на евроинтегративниот пат. Се побара германска поддршка за надминување на овие спорови и движење напред, онаму каде што припаѓа земјата – во европското семејство. Од проширувањето никој нема да загуби, напротив, ЕУ ќе добие на тежина, а Западен Балкан ќе биде онаму каде припаѓа.