Пратеникот од партијата Левица, Амар Мециновиќ во своето излагање на собраниската седница по однос на изборот на протрамски совет во МРТВ истакна дека е добро да се донесе нов програмски совет, затоа што овој директор има 14 години мандат на таа позиција, а програмскиот совет има 13 години мандат и дека се тоа фараонски мандати.
„Кој мандат во Република Македонија трае толку и кој мандат има толјава моќ во однос на временската рамка во која трае? Поради тоа, ја поздравуваме насоката во промена на програмскиот совет, иако се сомневаме дека многу работи ќе се сменат, но мора да се почне од некаде, да прекине фараонското владеење на тие луѓе во јавниот сервис, кој треба да биде во полза на јавниот интерес“, апелираше пратеникот Мециновиќ.
„Кога Собранието влезе во процедура на бирање на програмскиот совет, на програмскиот совет баш тогаш му текна да разгледува точка за распишување конкурс за надзорен одбор. На 14 март распишале конкурс за надзорен одбор, но не и конкурс за генерален директор што нам ни покажува дека има директен интерес за покривање на последните денови на оваа констелација од програмски совет“, обзнани тој.
„Работите се драматични. Според записник од седница на програмскиот совет, одржана на 25 март 2025 година, е потенцирана законската обврска на јавниот сервис да се емитуваат 10% содржини од приватни продукции, но според самиот записник, член на програмскиот совет вели дека место на 10%, копродукциските содржини се на 80%. Копродукција до копродукција. Образовната програма на МТВ, после 60 години, е убиена. Зошто, на пример, нашиот јавен сервис да има копродукција за ‘Метео’“, праша пратеникот.
„Овде нам јавниот сервис ни го имаат окупирано приватни продукции! Има емисии кои се емитуваат на нашиот јавен сервис, за кои јавниот сервис обезбедува простор, камери, вработени на платен список на МТВ кои ги снимаат тие емисии во работно време, ама затоа што е во копродукција, тоа не е во сопственост на МТВ и МТВ понатаму му ги откупува правата за програмата која тие ја создаваат! Тоа е вулгарен криминал! Неверојатни 3 милиони евра се потрошени со една копродукциска куќа“, истакна Мециновиќ во неговото излагање.