На многумина ќе им бидеме пречка, но како премиер нема да отстапам од правото да говориме на македонски, јазикот е нашиот неспорен идентитет, вели Мицкоски

Макфакс

05/05/2025

22:37

301

Големина на фонт

а а а

Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Македонскиот јазик, кажа Мицкоски, живее во мислата на секој Македонец каде и да е.

„Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разноразни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен, ќе повторам многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и нашата заедничка татковина“.

Владата, како што рече, ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација.