Заврши средбата во конструктивен дух, велат извори за Нетпресс и истакнуваат дека разговорите продолжуваат. Во текот на овој месец ќе се знае иднината за функционирањето на Алијансата за Албанците на Таравари.
Мицкоски на средбата ги потврди веќе јавно изнесените позиции.
-Тоа ќе биде средба во која што ќе поразговараме со Таравари околу актуелните политички случувања. Што се однесува до тековните негови активности, како член на Владата, ние речиси секојдневно комуницираме. Тоа е неизбежен дел. Но генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања кои се познати во јавноста. По мене има две опции за избор, едната опција е оваа која ја нуди оваа Влада на реформи, на промени, на испорака за граѓаните. Втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении, ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција, рече Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање.
Пред средбата премиерот посочи дека сака да слушне од Таравари која опција е за него.
-Што се однесува до моите лични односи со Таравари, во политиката ние комуницираме долго време. Како човек имам позитивно мислење за него, но во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш. Тука нема флуидни варијанти. Или држиш до зборот или не држиш до зборот. Јас мислам во неговиот случај најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот. Имало моменти кога можеби имало дилема во рамките на раководството на партијата. Заткулисни игри се провидни игри, лесно се идентификуваат и препознаваат и најчесто ваквите заткулисни игри им се удираат од глава на оние кои ги прават, истакна Мицкоски.
„Никого во животов не сум молел, ниту па имам намера некого да молам. Со или без Таравари, Владата е стабилна, цврста, со големо мнозинство. Останува на него и неговите сопартијци да одлучат“, рече премиерот