Актерката Снежана Коневски-Руси е добитник на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп

Макфакс

05/05/2025

16:41

255

Големина на фонт

а а а

По предлогот на НУ РСМ Македонски народен театар, наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ за оваа 2025 година ѝ е доделена на Снежана Коневски-Руси (1952), актерка.

Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава. Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на други сцени. А со самото тоа се огледува и се документира и голем дел од општата историја на театарот и на филмот во земјава. Нејзината кариера во бројки изгледа вака: 48 театарски улоги, 10 улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија.

Тука се и активностите како сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии и сл. Творец е и на голем број проекти за деца (од предучилишна и училишна возраст), позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС. Постојаноста на сцената, одличната дикција, како нејзин клучен адут и секогаш убедливата актерска вештина ја прават Снежана Коневски-Руси една од најквалитетните актерки кај нас, секогаш барана од колегите режисери.

Прецизна е, докрај посветена на ликот и на неговото место во целото дејствие. Лесно и добро го наоѓа и го промислува секој код/знак што го носи ликот и со убедлива актерска вештина знае искреираниот (неретко комплициран) лик да го пренесе на лесно разбирлив, интелектуален начин пред публиката. Она што посебно ја истакнува од плејадата актери од највисок ранг е јасното говорење на текстот и прецизно (како со нож) изразената дикција.

Снежана Коневски-Руси искажува/прикажува чист сценски говор за да може секој јасно да ги чуе секој збор и значењето на текстот, на начин на говор што „везе“ на сцената и што треба да го има секој актер. Вредноста и посветеноста на Снежана Коневски-Руси кон театарот се забележани и се наградени од стручните театарски и театролошки лица.

Ги добива наградите: награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за најдобро актерско остварување за улогата на Маргарита во претставата „Ричард Трети“, 1991 г.; наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за повеќегодишни значајни остварувања во областа на драмската уметност, 1992 г.; награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за епизодната улога на Слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“, 1976; и награда на весникот „Млад Борец“ за најуспешен млад актер за улогата на Девојката во претставата „Димна Јуда, град градила“ и за монодрамата „Ана Франк”, 1974 г.