Доколку ви е потребна инспирација за следно патување, можеби е вистинско време да се тргнете од вообичаената насока и да одите во некои од овие три европски градови кои ги рушат рекордите на посетеност.
Поради тоа што летото полека доаѓа, многумина веќе пребаруваат на интернет каде да патуваат. Сепак, во последниве години сѐ повеќе патници не сакаат клише патувања туку сакаат да ги истражат помалку познатите места кои имаат што да понудат.
Три европски градови кои го изненадија светот со неверојатниот број на туристи:
Катовице, Полска
Овој динамичен град на југот од Полска бележи огромен пораст на бројот на туристи и е на добар пат да го надмине рекордот од 7 милиони посетители.
Катовице нуди идеален спој на старото и новото, од музеи и историски плоштади, до модерни квартови и фестивали кои се одржуваат во текот на целата година. Сепак, она што најмногу привлекува внимание е пристапноста.
Хотелите со четири ѕвезди можат да се најдат и за 55 евра од вечер.
Брисел, Белгија
Сите знаеме за Брисел, но многумина и натаму го прескокнуваат на своите европски тури. Сега тоа се менува. Над 10 милиони патници годишно доаѓаат во престолнината на Белгија, а прогнозите за 2025 година се оптимистички.
Градот е преполн со ресторани, музеи од светска класа, раскошни палати и бајковита архитектура. Покрај тоа, Брисел е лесно достапен од речиси секој европски град со воз, постојат и шест директни летови од САД. Голем плус е и тоа што поголем дел од локалното население говори англиски, па снаоѓањето таму е лесно.
Рованиеми, Финска
Рованиеми е домот на Дедо Мраз, на северната светлина и ирвасите. Иако можеби звучи како бајка, овој град на северот од Финска е сѐ попопуларен, особено благодарение на социјалните мрежи кои го прославиле со неверојатните видеа.
Главна атракција таму е селото на Дедо Мраз кое има и вистинска пошта за писмата наменети за него. Поради популарноста, аеродромот моментално се проширува за да биде подготвен за наредната зимска сезона.
Сепак, овој град има шарм и на лето, со температури од 18 до 22 степени Целзиусови, деновите кои не престануваат и природата која го одзема здивот. Задолжително носете си маска за спиење затоа што сонцето на лето речиси воопшто не заоѓа.