Прекинот на електричната енергија во Португалија и Шпанија предизвикан од редок атмосферски феномен

Макфакс

28/04/2025

17:01

490

Големина на фонт

а а а

Португалскиот оператор на електричната мрежа – РЕН објави дека прекинот на електричната енергија што ги погоди Португалија и Шпанија е предизвикан од дефект во шпанската електрична мрежа, поврзан со „редок атмосферски феномен“.

РЕН вели дека екстремните температурни разлики во Шпанија предизвикале „аномални осцилации“ на високонапонските далноводи.

Овој феномен се нарекува „индуцирана атмосферска варијација“, што потоа довело до осцилации што предизвикале дефекти во синхронизацијата на енергетските системи.

„Ова предизвика последователни прекини низ меѓусебно поврзаната европска мрежа“, додава РЕН.

Поради сложеноста на ситуацијата, РЕН предупредува дека целосната нормализација на електричната мрежа може да потрае и до една недела.

Шпанскиот оператор на електричната мрежа „Ред Електрика“ објави дека напонот е обновен во одредени трафостаници во северниот, јужниот и западниот дел од земјата.

„Продолжуваме да работиме со сите расположиви ресурси за што поскоро да го вратиме снабдувањето со електрична енергија на целата територија“, соопштија од „Ред Електрика“.

Шпанската национална железничка компанија „Ренфе“ соопшти дека сите возови остануваат во прекин поради прекин на електричната енергија.

Во меѓувреме, мадридското метро, исто така, известува дека сите линии остануваат затворени.