Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.