Кузеска: Нов скандал, братот на градоначалникот Стефковски лета по улиците, за него не важат законите

Макфакс

28/04/2025

13:13

530

Големина на фонт

а а а

Денеска објавуваме нов скандал. Граѓаните ќе видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност. Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредока, царуваат неказнивоста и селективноста, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената. Станува збор за ова возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот. Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје“, кажа Кузеска.

Полицајците, како што појасни го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.

За само една минута, началник од МВР, кој според информации на СДСМ тогаш дури и не бил во земјата, се јавил на полицајците и им дал наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен.

Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им било казната да ја запишат на друго лице.

Така, казната, според Кузеска е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929.

„И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме. Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи, сообраќајки со тешки последици има на секој чекор. Сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје. И што прават Тошковски и МВР? Наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи“.

Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, како што рече Кузеска, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери.

Таа додава дека функционерите на ДПМНЕ се над народот, над законите и над Уставот.

За нив, како што оценува, нема одговорност.

„Сите други се виновни, само тие не. СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу. Со Тошковски, законот не важи за функционерите на ДПМНЕ. Ова е безаконие. Време е за одговорност“, порача Кузеска.