Низата смртоносни престрелки поврзани со дрога во срцето на градот во кој се сместени институциите на Европската унија открија колку „пропаднал“ Брисел: банкротирал, полн е со насилство и криминал, но и политички е уништен.
Само во првиот месец и половина од годинава во 11 престрелки загинале две лица, додека четири лица биле повредени, а пукањата не престануваат. Иако тоа беше незамисливо пред само неколку години, неодамнешните напади се доказ за падот на градот и откриваат очајна потреба од силно политичко лидерство. Но, Брисел го нема, пишува „Политико“.
Раскол во срцето на Европската унија
Лавиринтската политичка структура на Белгија содржи повеќеслоен систем на владеење, секој со свои овластувања и често опфатен со внатрешни конфликти. Кога функционира, работите се во ред, но кога не, настанува парализа. И работите најмногу станале парализирани во бриселскиот регион каде што, девет месеци по изборите, политичарите сè уште се расправаат без влада на повидок.
Политичкиот неред не ја разоткри само координацијата на бриселската борба против криминалот. Туку и изградбата на социјални станови и големи инфраструктурни проекти е во голем ризик да биде одложена. Субвенциите – како оние што доаѓаат од добротворни организации, невладини организации и културни проекти – се замрзнати. Неизвесно е финансирањето на центрите за социјална заштита, работата на полицијата и локалните власти. Јавниот долг се трупа речиси исто толку брзо како вреќите со ѓубре по валканите улици.
„Навистина се работи за опстанокот на Брисел, како град“ изјавил Кристоф де Буклер, центристички пратеник.
Скандал од 4 милиони евра дневно
Подалеку од големиот плоштад преполн со туристи, слатки продавници за чоколади и раскошни пивски сали, ова е град на работ.
Доколку градот имаше влада, ставањето под контрола на трошоците на Брисел ќе беше предизвик број еден.
Долгот на главниот град изнесува повеќе од 14 милијарди евра, несметајќи ги 1,6 милијарди евра што се очекува да бидат додадени оваа година. Белгискиот весник „Бруз“ пресметал дека дефицитот – разликата помеѓу она што градот го троши и она што го носи – се зголемува за 4 милиони евра секој ден.
Де Буклер, кој минатиот месец се обидел да ги рестартира коалициските разговори, е доста остар. Во сите месеци по изборите, политичарите немале време ниту да разговараат за суштината, рекол тој за „Политико“.
„Тоа е само политичко држење кое го блокира Брисел. „Ти си мој пријател. Не си. Сакам да работам со тебе. Но не со тебе“. „Тоа е незрело“, истакнал тој.
Капитална обврска
Премногу комплицираната политичка архитектура ги збунува и фрустрира дури и самите Белгијци.
Едноставно кажано, Брисел е еден од трите белгиски региони, заедно со Валонија во која се зборува француски на југ и Фландрија на север, која го опкружува градот. Сите три региони имаат свои влади кои се одговорни за прашања како што се домувањето, транспортот и економската политика.
Со оглед на тоа што Белгија се бори да ги исполни кратењата на трошоците пропишани од ЕУ, долгот на Брисел е „обврска за целата земја“, истакнал Дејв Синардет, професор по политички науки на Универзитетот во Брисел.
Ситуацијата може да се влоши: кредитниот рејтинг на регионот може да биде намален до лето, што би го поскапело задолжувањето, што дополнително ќе го зголеми долгот на регионот, предупредил привремениот министер Свен Гац.
Синардет рекол дека тоа барем може да создаде одреден притисок за конечно да се формира влада. Другите се помалку оптимисти.
Центристичката партија „Les Engages“ предложила да се намалат платите на бриселските политичари за 30 отсто додека не формираат влада и за 40 отсто доколку нема влада до јуни.
Притискање на нуклеарното копче
Додека Белгија е поделена на три региони, самиот Брисел е поделен на 19 општини. Секој има свој градоначалник. Тие раководат со шест полициски сили во регионот.
Со зголемувањето на криминалот и насилството, федералната влада на Белгија извести дека сака да ги спои овие посебни сили во еден ентитет. Не е изненадувачки што бриселските политичари ја осудија одлуката.
Тие тврдат дека вистинскиот проблем со полицијата не е нивната разработена организација, туку недостатокот на национално финансирање и дека спојувањето ризикува да ја отуѓи полицијата од граѓаните на Брисел, а некои пак стравуваат дека самоопределувањето на Брисел исчезнува.
Од друга страна претседателот на партијата МР, Жорж Луис Буш, се заканил дека доколку Брисел не го „вразуми“, би можел да биде ставен под контрола на федералната влада.
Тоа би било слично на притискање на нуклеарно копче, а исто така, тоа најверојатно е невозможно.
Правно гледано, идејата е „фикција“. Но, теоретски, федералната влада би можела да изврши дополнителни исплати за Брисел според одредени мерки, слично како што ЕУ ја реформираше Грција во замена за спас, рекол тој.