Две фотографии го откриваат шокантниот ефект на вселенското патување врз човечкото тело

Точка

22/04/2025

20:01

3.706

Големина на фонт

а а а

Две фотографии направени во рок од само два дена јасно ја прикажуваат исцрпувачката природа на престојот во вселената и враќањето на Земјата од Меѓународната вселенска станица. На двете слики се гледа Дон Пети, најстариот активен астронаут на НАСА, кој во неделата, на својот 70-ти роденден, се врати на Земјата по 220 дена поминати во орбитата.

На првата фотографија, која самиот ја направил и објавил на Инстаграм, Пети е при работа во орбитата – делува енергично, витално и полн со сила. На втората, направена на 20 април во Казахстан, веднаш по слетувањето, Пети е очигледно исцрпен, неспособен дури и да ја држи главата исправено по речиси седум месеци минати без гравитација.

„Автопортрет на моето орбитално среќно место. Утре повторно ќе бидам Земјанин. Каква авантура беше оваа мисија“, напиша Пети на Инстаграм покрај селфито направено од Меѓународната вселенска станица.

По слетувањето на капсулата на Сојуз во која се наоѓаше Пети, НАСА објави порака на Икс:

„Доме, сладок Хјустон. Астронаутот на НАСА се врати дома од Меѓународната вселенска станица, по завршувањето на своето четврто вселенско патување и вкупно 590 денови во вселената. Перфектна мисија“.


Покрај Пети, дел од екипажот беа и руските космонаути Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, кои заедно ја обиколија Земјата дури 3.520 пати.

Иако за време на престојот во вселената Пети изгледаше здраво, по враќањето на планетата изгледаше изнемоштено.

„Исклучителниот Дон Пети, кој денес наполни 70 години, не изгледаше најдобро откако беше извлечен од капсулата. Се надевам дека не е ништо сериозно, но очекувам наскоро вести за неговата здравствена состојба“, напиша на Икс астрономот Џонатан Мекдауел.


Суровата вистина за престојот во вселената

Животот во вселената е далеку од лесен за човечкото тело. Отсуството на гравитација предизвикува значително и често неповратно губење на густината на коските. Мускулите ослабуваат – од рацете и нозете до срцето, кое без потреба да пумпа против гравитација работи со многу помал интензитет. Количината на крв се намалува, а се менува и начинот на кој таа циркулира низ телото. И другите телесни течности имаат потешкотии при движењето надолу.

„Течностите се насобираат во главата, па астронаутите постојано имаат чувство како да се настинати. Сите сетила им ослабуваат, што можеби и не е лошо, бидејќи во леталото што има посетители веќе две децении – мириса навистина лошо. А прозорци – нема – изјави некогаш астрофизичарот Алан Дафи од Универзитетот Свинбурн.

По враќањето на Земјата, астронаутите имаат проблеми со одењето, често се вртоглави и им се нарушува видот. Насобраната течност го менува обликот на очите, кои поради тоа отекуваат. Обично состојбата се стабилизира со тек на време, но можно е да им бидат потребни очила до крајот на животот, додава Дафи.


Животот и мисијата на Дон Пети

Дон Пети е роден на 20 април 1955 година. Доктор е по хемиско инженерство, а неговиот изум – чашата за пиење во услови на нулта гравитација – е првиот патент замислен токму во вселената. Стана астронаут на НАСА во 1996 година.

Фотографијата му е голема страст – има направено некои од најневеројатните снимки од вселената, а речиси секоја од нив одзема здив.

Иако моментално е најстариот астронаут во НАСА, тој не е и најстарата личност што била во вселената. Тој рекорд го држи Џон Глен, кој имал 77 години кога летал во 1998 година.