Грилиш е слободен за 35 милиони евра

Макфакс

19/04/2025

13:59

970

Големина на фонт

а а а

Манчестер сити ја игра најслабата сезона откако Пеп Гвардиола ја презеде функцијата пред девет години. Моментално се петти тим во англискиот шампионат со два бода помалку од Нотингем Форест и дури 21 од лидерот Ливерпул.

Во Лига купот испаднаа во четвртото коло, во Лигата на шампионите испаднаа во плејоф рундата, а единствена шанса за трофеј им е ФА Купот каде во полуфиналето ќе се соочат со Форест.

На клубот во пресрет на наредната сезона му е потребен ремонт. Некои британски медиуми шпекулираат со двоцифрена бројка на играчи кои би можеле да го напуштат Сити, а некои како Кевин де Брујне веќе најавија заминување. Меѓу оние кои заминуваат е и Џек Грилиш, најскапиот играч во историјата на клубот.

29-годишниот англиски офанзивен играч за врска пристигна во Сити летото 2021 година од Астон Вила за 118 милиони евра, што го прави убедливо најскапиот играч во историјата на клубот. Втор на таа листа е Јошко Гвардиол кој е платен 30 милиони евра помалку. Грилиш е и деветти најскап играч во историјата на фудбалот.

Според британските медиуми, три клуба се издвојуваат како најверојатна следна дестинација на Грилиш. Тоа се Тотенхем, Њукасл (кој стана најбогатиот клуб во светот откако Саудијци го презедеоа) и „неговата“ Астон Вила.

„Трансфермаркт“, моментално го проценува на 35 милиони евра, а околу таа сума се шпекулира во локалните медиуми. Тоа значи дека Сити ќе го продаде за три пати помалку од она за што го донесе.

Од доаѓањето во Манчестер Сити, Грилиш одигра вкупно 155 натпревари, постигнувајќи 17 голови и 23 асистенции во сите натпреварувања. Во сезоната 2024/2025, Грилиш настапи на 19 натпревари во Премиер лигата, со скромна статистика, гол и асистенција.

Тој го постигна својот единствен првенствен гол на 2 април 2025 година против Лестер Сити, негов прв гол во Премиер лигата по 16 месеци. Во другите натпреварувања додаде уште еден гол во ФА Купот и еден во Лигата на шампионите.