Наоѓањето сродна душа и склучувањето брак се причини за славење, но ново истражување открива изненадувачка потенцијална негативна страна на брачниот живот, односно тој може значително да го зголеми ризикот од развој на деменција, пишува „Саенс алерт“.
Она што ги прави наодите толку неочекувани е тоа што многу претходни студии покажале низа здравствени придобивки од бракот, вклучително и намален ризик од срцеви заболувања и подолг животен век.
Истражувањето, предводено од научници од Медицинскиот факултет при Универзитетот на Флорида, укажува дека се потребни понатамошни анализи за да се разбере зошто самците можеби имаат помала веројатност да развијат деменција или, можеби, полесно остануваат недијагностицирани.
Истражувањето ги предизвикува досегашните верувања поврзани со бракот и здравјето.
„Неженетите и неомажените можеби имаат понизок ризик од деменција во споредба со брачните лица. Овие наоди може да укажуваат на задоцнето поставување на дијагноза кај самците, или да го доведат во прашање мислењето дека бракот штити од деменција“, пишуваат авторите на студијата.
Истражувачите анализирале здравствени податоци на 24.107 постари лица (со просечна возраст од 71,8 години) во период од 18 години. Испитаниците биле поделени во четири групи: во брак, вдовци/вдовици, разведени и никогаш невенчани.
Со прилагодување само според возраста и полот, лицата кои никогаш не биле во брак имале 40 отсто помала веројатност да развијат деменција во споредба со брачните. Кај вдовците, ризикот бил намален за 27 отсто, а кај разведените за 34 отсто.
Кога биле земени предвид и други фактори, како образованието, генетиката и здравствени состојби, разликата кај вдовците исчезнала. Но, и понатаму постоел 24 отсто помал ризик за оние што никогаш не биле во брак, и 17 отсто за разведените.
Ова укажува дека дел од разликите се резултат на други фактори, кои не се директно поврзани со брачниот статус – што значи дека нема директен доказ за причинско-последична врска. Сепак, останува забележителна разлика во ризикот кај лицата кои останале сами.
Причините за оваа поврзаност се веројатно многубројни. Научниците претпоставуваат дека самците можеби полесно одржуваат социјални врски, што се смета за заштитен фактор од деменција. Исто така, треба да се земат предвид и можните негативни здравствени последици од несреќни бракови.
„Постојат докази дека по развод или по губење партнер, кај некои лица се зголемуваат чувствата на среќа, задоволство и социјална активност. Оние кои никогаш не се венчале почесто се дружат со пријатели и соседи и имаат поздрави животни навики отколку оние кои се во брак“, пишуваат авторите.
Сепак, вреди да се напомене дека други истражувања тврдат дека бракот може да штити од деменција – па од каде доаѓа конфузијата? Најверојатно поради различна големина и состав на примероците, како и различни начини на мерење на ризик-факторите.
„Нашите наоди, дека сите групи кои не се во брак (вдовци, разведени, никогаш невенчани) имаат понизок ризик од деменција во споредба со брачните, се спротивни на повеќето досегашни долгорочни студии“, заклучуваат истражувачите.