Симулациските игри никогаш не биле попопуларни. Најдобар пример за тоа е јужнокорејската симулација на живот "inZOI", која излегува овој петок. Очекувањата се огромни, а според бројот на луѓе кои се претплатиле да ја добијат први на платформата "Steam", играта ќе биде вистински хит.
Бројот на гејмери кои ја додале "inZOI" на својата листа на желби веќе го надмина претходниот рекордер – платформерот "Hollow Knight: Silksong".
Вкупно, повеќе од 240.000 гејмери на "Steam" ја следат "inZOI" и со нетрпение ја очекуваат оваа претстојна игра.
Иновации и реалистична графика
Оваа недела "inZOI" ќе биде достапна во "early access" верзија, а ќе чини 40 евра.
Првично, играта ќе овозможи креирање сопствени ликови, уредување на својот дом, прошетки низ виртуелен град, како и интеракција со други ликови, пренесува "HCL".
За разлика од "The Sims", "inZOI" ветува пореалистична графика и напредна имплементација на генеративна "AI" технологија.
На пример, играчите ќе можат да фотографираат предмети од својата околина и да ги вметнат во играта како "3D" модели. Исто така, ќе можат да снимаат движења на себе или на други луѓе, а "AI" технологијата ќе ги претвора тие снимки во анимации за ликовите во играта.