Актерот Ед Вествик (37), најпознат по улогата на Чак Бас во хит серијата „Озборувачка“, стана татко. Своето прво дете го доби со сопругата, актерката Ејми Џексон (32).
„Добредојде во светот, момче. Оскар Александар Вествик“, напишаа гордите родители на Инстаграм покрај фотографијата од нивното новороденче.
Парот се венчал минатиот август во Италија. По венчавката, за магазинот „Peoplе“ изјавиле дека со нетрпение го очекуваат брачниот живот.
„Да се омажам за Ед за мене значи да имам животен партнер со кој можам да споделувам авантури, љубов и поддршка, да создадам прекрасно семејство и да имам грб во сите моменти од животот“, рекла Ејми.
"Бракот е за изградба на заедничка иднина и создавање на бескрајни спомени. Го поминав животот прашувајќи се која ќе биде таа, а потоа ја најдов", додал Ед. Парот, исто така, истакнал дека се надеваат дека ќе го зголемат „своето мало семејство“ во иднина.
Ова е прв брак и за двајцата, иако Ејми, инаку актерска ѕвезда во Боливуд, веќе била на прагот на брак. Пред да се пресели во Англија, Ејми била во врска со хотелиерот Џорџ Панајоту. Тие биле свршени и го имаат синот Андреас, но на крајот се разделиле.
Актерката го запознала Вествик на настан на Астон Мартин во 2021 година. Ја поканил на двоен состанок со нивните кучиња Херберт и Хемфри. Тие конечно ја потврдиле врската на Инстаграм во јуни 2022 година.