Откако „Нетфликс“ ја објави серијата „Адолесценција“ („Adolescence“), стручњаците предупредуваат дека некои популарни емотикони што децата ги користат во комуникацијата можат да имаат сосема поинакви, понекогаш и загрижувачки значења
Серијата ја следи приказната на 13-годишниот Џејми Милер, кој е уапсен за убиство на девојче од неговото училиште, откако се радикализирал преку екстремна интернет-содржина. Во серијата јасно е прикажано како тинејџерите испраќаат скриени пораки преку популарни емотикони, кои повеќето возрасни не би ги разбрале.
Емотиконите како црвена пилула, грав, кловн и шарени срца изгледаат сосема безопасно, но всушност кријат подлабоки значења. На пример, емотиконот црвена пилула означува „вистинско согледување на реалноста“ во таканаречената „маносфера“ – интернет-простор каде што се шират мизогини и сексистички идеи, кои ги промовираат личности како контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт.
Инцелите се мажи кои сметаат дека се во „принуден целибат“ бидејќи не можат да остварат врска со жена. Често користат емотикони како телефон, грав или кафе како симболи за препознавање и припадност кон оваа заедница.
Според експертот за социолингвистика д-р Роберт Лосон, симболот на црвената пилула е преземен од познатиот филм „Матрикс“ („Matrix“), каде што ликовите ја земаат за да ја согледаат вистинската реалност. Во „маносферата“, „црвената пилула“ значи разбирање на „вистинската природа на жените“ и „правилните односи меѓу половите“.
Во серијата на „Нетфликс“, емотиконот динамит означува „експлозивна црвена пилула“, односно некој што се идентификува како инцел. Емотиконот „100“ се однесува на теоријата дека „80 отсто од жените се заинтересирани само за 20 отсто од мажите“ – идеја што води кон размислување дека жените треба да се „измамат“, бидејќи во спротивно мажот нема никакви шанси.
Британската полиција предупредува дека младите користат емотикони за да скријат разговори поврзани со дрога. На пример, коњ може да означува кетамин (дрога што се користи за смирување на животни), додека вонземјанин, демонска маска или череп се симболи за MDMA.
Кокаинот често е претставен со емотикон на снегулка, снешко или риба-надувка, додека марихуаната се прикажува преку емотикони на куче, торта, лимон, грозје или лист. Емотиконите за приклучок или билијардска топка со број 8 можат да означуваат дилер на дрога.
Дури и срцата имаат двојни значења:
• Црвено срце – љубов;
• Виолетово срце – сексуална желба;
• Жолто срце – „Заинтересиран/а сум, ти?“;
• Розово срце – „Заинтересиран/а сум, но не за секс“;
• Портокалово срце – „Сè ќе биде во ред“.
Емотикони и сексуално допишување
Некои емотикони се користат во сексуален контекст. Модар патлиџан, праска, цреши и капки вода често се користат за сексуално допишување. Емотиконот со црвено лице може да значи сексуална возбуда, а емотиконот со јазик се поврзува со сексуални активности.
Хелен Шнајдер од австралиската полиција ги советува родителите да бидат свесни за двојните значења на емотиконите и препорачува отворен разговор со децата како најдобра заштита. Се препорачува и користење на родителски контроли на мобилните уреди преку функциите „Screen Time“ или апликацијата „Family Link“. Светската здравствена организација советува ограничување на времето пред екран на максимум 60 минути дневно за деца.
Разговарајте со децата, бидете информирани и обрнувајте внимание на знаците – бидејќи понекогаш емотиконите не се она што изгледаат.